Среќни родители сме на неверојатно двегодишно дете, а јас обожавам да бидам мајка. Но, не сум сигурна дали сме подготвени уште еднаш да поминуваме низ целиот процес со новороденче. Дали сме среќни само со едно дете? Ова е мојот внатрешен дијалог на таа тема.
Срце: Ова двегодишно дете е толку слатко и неодоливо. А колку ли е смешно и паметно! Ајде да направиме уште едно!
Глава: Во ред, пред 2 години им се колневме на сите што ги знаеме дека никогаш нема да имаме второ дете. Дали ги заборави сите месеци со плачење што можеа да бидат ублажени само со часови јога? И да не се заборави постпородилното лошо расположение, кое те тераше да размислуваш дали засекогаш го уништи сопствениот живот.
Срце: Во ред, тој период беше лош, но сега знаеме – знаеме дека плачењето ќе заврши и повторно ќе спиеме и важно е да се запишеме на јога.
Глава: Несомнено дека тоа е слатко. И да, јајчниците се согласуваат. Но, изморени сме. Имам 43 години! Крвната анализа покажа дека има добра количина на јајце-клетки, но тоа не значи дека навистина ќе се случи..
Срце: Можеме да се обидеме со ин витро!
Глава: Нема да го правиме тоа. Многу чини, а ќе биде тешко и за нашето тело. Не сме веќе толку млади. Нашите колена и стапала постојано нè болат.
Срце: Но, може почесто да одиме на вежбање и да се зајакнеме, а потоа да се обидеме да забремениме?
Глава: Знаеме дека тоа нема да се случи.
Срце: Но, зарем не сакаш да се гушкаш со ново бебе повторно? Да го почувствуваш неговото срцебиење и да одгледаш уште едно бебе кое ќе прерасне во прекрасна личност?
Главата: Тој е навистина посебен.
Срце: Знаеш како се чувствуваме кога го гледаме додека си игра. Зарем нема да биде прекрасен постар брат? Има толку големо срце. Не е праведно да расте без браќа и сестри.
Глава: Навистина е убаво да се има брат или сестра. А јас мразам да помислам дека ќе биде самиот одговорен за мама и тато кога ќе биде постар.
Срце: Нели? Не е фер.
Глава: Но почекај – ако останеме на едно, ќе можеме да заштедиме повеќе пари за пензија, а тој ќе добие подобро образование. Потоа ќе може да плаќа хипотека кога ќе има 40 години наместо да ги отплаќа студентските долгови, како ние сега. А и трошоците за две деца во градинка би биле преголеми!
Срце: Пари-мари. Многу луѓе успеваат и со помалку.
Глава: Тоа е вистина.
Срце: А ќе биде толку осамен без да има со кого да игра.
Глава: Ќе биде опколен со други деца секој ден на училиште. А ние живееме во пријателско соседство со многу деца. А што со нашите потреби?
Срце: Не треба да имаме потреби, се фокусираме на него! Треба само да се откажеме од работата и да седиме дома и да готвиме.
Глава: Ох, тоа звучи убаво… Но, чекај, не. Ќе полудиме од досада. Ако останеме со едно, ќе добиеме дете што ќе нè учи нас како што ќе расте, но и време за нашите сопствени соништа. Како и време за нашиот однос со сопругот.

Срце: Ах да, нашите соништа! Ајде да започнеме бизнис! Ајде да напишеме книга! Да одиме на пат околу светот! Чекај – зарем не сме себични?
Глава: Не мислам така. Брат или сестра нема да надомести за родители што се расправаат или мајка која чувствува дека треба да се откаже од себеси за да има друго дете. И колку ќе биде фер за потенцијално новото бебе да има мајка која има 60 и нешто години кога тоа ќе оди во средно училиште?
Срце: Еј, многу луѓе имаат постари родители. И ја помниш таа реченица што некој ја објави на „Фејсбук“? Понекогаш поентата е во следење на срцето…
Глава: Да, но го прочита текстот за мајките кои велат дека жалат што имале деца – тоа можеби не е твое чувство, но ако тие жени може да бидат толку искрени, ние самоуверено можеме да му кажеме на светот дека сме среќни со едно, а тоа не нè прави лоша мајка. Всушност, нè прави подобра.
Срце: Ах. Мразам што ќе го кажам тоа, но можеби си во право. Ќе бидам малку тажно, сепак. Сигурно ќе ја покренам темава во следните неколку недели, за секој случај.
Глава: Тоа е во ред. Биди тажно. И јас сум малку тажна. Само продолжи да возиш.
Автор: Џен Катс