Оваа млада пливачка, која има само 12 години, полека но сигурно станува професионалец и максимално е посветена на нејзината љубов – пливањето
Повеќе од 120 освоени медали, неколку пехари за најдобра пливачка, државен првак во 2019 година во повеќе дисциплини, државен првак во 2020 година во повеќе дисциплини и најдобар пливач во категорија помлади пионери, соборени седум поединечни државни рекорди и соборени два штафетни државни рекорди… Ова се најголемите успеси досега на седмоодделенката Катја Танаскоска, која има само 12 години и е ученичка во Основното училиште „Лазо Трповски“ во Општина Карпош. Оваа млада пливачка, која веќе сериозно станува професионалец, почнала да плива на шестгодишна возраст. Во интервју за Деца.мк, со неа и со нејзините родители зборуваме за почетоците, за мотивацијата, за секојдневијата и за успесите.
Љубов на прв поглед
Спортот отсекогаш бил нашиот начин на живот, а пливањето како еден од најздравите спортови беше приоритет за развојот на Катја, вели мајката Зорица Танаскоска.
– Уште од самото доаѓање на базен таа покажа љубов, интерес и желба за пливање. Катја има 12 години, со пливање почна на 6 години, ги помина школите за пливање и почна да се натпреварува. Постепено, со самиот развој и напреднување во пливањето, таа веќе станува професионален пливач и работи под програма на нејзиниот тренер Иван Банов во пливачкиот клуб „Скопје“ – вели мајката Зорица.
Катја има настапувано на многу меѓународни и домашни натпревари и освоено многу медали и пехари за најдобра пливачка. Таа е државен првак и рекордер на Македонија во дисциплините 50, 100 и 200 метри грбно.
Ја учиме да верува во себе
Родителите на Катја велат дека таа е насмеано и позитивно дете кое сака многу да се дружи.
– Многу е амбициозна и упорна во тоа што го работи. Со спортски речник – таа е професионалец. Како награда го доби името „Челичната дама“ од тренерката Татјана Вељановски. Ние како родители ја воспитуваме да ги почитува сите луѓе, да учи од најдобрите и да им помага на послабите, да биде искрена, упорна и да верува во себе – вели татко ѝ Никола.
Во процесот на воспитување на родителите им е најважно таа да се развие и да порасне во успешна личност.
– Како родители се трудиме да ја воспитаме да биде одлична ученичка, успешна спортистка, добра другарка и да го цени трудот на тие што ѝ помагаат да се развие во зрела и успешна личност. Што се однесува до желбата за спортување, Катја „влече“ спортски гени бидејќи јас сум поранешен професионален ракометар, дедо ѝ е поранешен фудбалер, а и мајка ѝ го сака спортот – додава таткото Никола.
Во посветеноста е клучот
Мотивацијата е најбитниот дел во спортот, па затоа родителите секојдневно разговараат со Катја за пристапот кон тренингот, за максималното залагање на тренингот и за целосното исполнување на задачите дадени од тренерот.
– Разговараме и за тоа како да ја победи тремата пред натпревар и да ја пренасочи во концентрација за да биде поуспешна, а исто така да може да ги прифати грешките и поразите што ќе ѝ служат за пример и основа на која треба понатаму да работи. Создаваме навики дека секој врвен спортист треба минимум 45 минути да дојде порано пред тренингот или натпреварот, да направи загревање и максимално да се сконцентрира на она што треба да го работи. По успешно завршениот тренинг или натпревар, да направи истегнување и рекоперација на телото – нагласува Никола.
Сакам да настапувам на европски и светски првенства
Во пливањето постојат четири дисциплини – слободен стил, градно, грбно и делфин. Катја ги тренира сите дисциплини, а нејзина основна дисциплина е грбниот стил. Освен што сака да плива, љубов ѝ се театарот и киното, а ги сака и прошетките со родителите, пријателите и другарчињата.
– Јас имам многу другари и другарки од училиштето, од населбата и од пливањето. Редовно комуницираме и во слободното време се дружиме. Со моите другарчиња од пливање секојдневно се гледаме, разговараме, се мотивираме и си помагаме – вели Катја.
Таа секое утро станува во шест часот, појадува и оди на утрински тренинг. Од осум часот следи училишна настава, во 13 часот руча, па потоа следи настава за странски јазици, по што во 15 заминува на вториот тренинг.
– Се враќам во 17:30 часот, вечерам и учам за наредниот ден. Слободното време го користам за одмор и да разговарам со моите родители. Секогаш гледам до 22 часот да си легнам. Како спортист, морам да се грижам за исхраната, да внесувам повеќе јаглехидрати, протеини и течности и затоа јадам тестенини, месо, зеленчук, овошје и пијам витамини, а мој омилен десерт е топло-ладно. Сакам да слушам музика, а кога ќе пораснам, сакам да станам врвен пливач, да одам на европски и светски првенства, а мојот животен сон се Олимписките игри – завршува Катја.
912