м-р Слаѓана Трајкова, логопед

м-р Слаѓана Трајкова, логопед

ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје
тел: 075 857 284

Повеќе од авторот


Спрема некои светски согледувања, Франција укажува дека децата не смеат да учат да читаат порано од шестата година. Читањето би требало да се учи од шестата година

Се поставува прашањето – кое е потребното и идеално време за да се започне овој невролошки процес. Ова е од голема важност не само за детето во тој период, туку и за неговиот понатамошен тек на образование и воспитување. Важно е и за неговата севкупна здравствена состојба, на психолошки план, но и на физички.

Во текот на моето долгогодишно работење како логопед сум се среќавала со родители кои бараат детето да научи да чита, да ги совладува буквите уште на неполни 4 години. Се радуваат и се гордеат дека нивното дете веќе научило да чита, иако има 4 години. Има и некои родители кои бараат од воспитувачките од градинка да го учат детето да чита, со следните изјави:
– Помогнете му да научи да чита, премногу е умно нашето дете… ги знае сите букви…

Детето само ќе почне да бара молив и тетратка, ќе сака да пишува и да препишува текст од некоја сликовница

Доколку бараме да учи да чита, а не е постигната зрелост во целина за овој не малку сложен ментален процес, детето се оптоварува, по повеќе месеци, буквално се форсира за некоја активност за која не е доволно созреано и дораснато.
Ова оптоварување не може да се види со голо око, ниту да се забележи, но понатаму како што расте и созрева, ќе се одрази врз неговиот психо-физички развој, со најразлични елементи. Она дете што учи да чита, а веќе е созреано и зрело, способно е да ја совлада оваа вештина брзо и лесно, и тоа само за неколку недели.
Кога пишуваме за зрелост, не мислиме само за зрелост во чинот на пишување, туку се мисли и на зрелост за говор, за комуникација, за внимание, чинот за одење, трчање, математички операции и сè друго.

Како што расте, кај самото дете ќе се појави т.н. сензибилен период, или сензибилни години. Тоа се такви години кога кај детето ќе се појави желба за читање, желба при која ќе сака само да се научи да чита. Родителите се тие што први ќе го забележат тоа – дека нивното дете има изразена желба за читање.
Детето само ќе почне да бара молив и тетратка, ќе сака да пишува и да препишува напишан текст од некоја сликовница, ќе сака да му се купуваат боици за да бои, ќе бара да му се чита, а тоа внимателно ќе слуша …
Во тој период сме сигурни дека кај детето се родила желбата за учење…

И како што напишал Ж. Ж. Русо: „Најдоброто средство за учење е самата желба за учење“ – тоа значи дека доколку се нема појавено желба за учење, многу потешко се совладува севкупниот чин на учење.


Го користиме периодот кога детето научило само убаво и правилно да зборува, умее да пее, умее да црта, да моделира, да има ритмика во играта.
Совладаната севкупна техника која го воспоставува детскиот дух ја користиме за да се фокусираме на чинот на читање.
Од прераното учење да чита се јавуваат причинителите за нарушувања во ортографијата, а и слабостите во употребата на мајчиниот јазик. Во подоцнежните одделенија може да се изрази дислексија, а може да се појави како последица од прераното учење да чита.
Се прави атмосфера на неуспех, која пак ќе направи лош ученик, иако тој има натпросечна интелигенција. Искуствата ми покажуваат дека неуспехот во една одредена област ќе се одрази на повеќе други области.
Таквата практика доведува до тоа нивото на слабиот успех да биде особено високо изразено во првите години од стекнувањето на знаењето. Малиот ученик не може сам да се одбрани од училишните тешкотии, од една страна, а од друга страна, добива негативни резултати уште од првиот обид за реализација на дадени училишни задолженија. На овој начин добиваме резигнирани ученици поради својата инфериорна положба.

За крај сакам со вас да споделам една убава анегдота од британскиот писател Гон Мидлтон Мори, кој го мразел својот татко. Кога го прашале зошто толку го мрази, писателот одговорил дека татко му го терал да учи да чита уште кога имал 2,5 години и тој напишал… „Мојот татко ми го украде моето детство.“

Доколку вашето дете има проблеми со читањето, треба да се јавите во ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас за да добиете понатамошни стручни логопедски насоки.



912

X