Важно е да се намали можноста за повреди и да се зголеми безбедноста на децата при бањање

Времето за бањање е прекрасна можност за поврзување со вашето бебе или поголемо дете. Многу е убаво да се гледа детето додека ужива во меурчињата од сапуница и омилените играчки. Но, постојат многу ризици што се вклучени во тој процес. Кога е водено, детето може да се лизне, па се зголемува можноста за паѓање и за повреди. Кај доенчињата е многу важно носот и устата да бидат секогаш над водата.
Клучот за безбедно бањање и забава на вашето дете е во тоа да бидете покрај него. „Безбедноста доаѓа со поголем ангажман, а повеќе работи што го одвлекуваат вниманието создаваат предизвици“, вели д-р Томас Фелпс, педијатар во детската клиника во Кливленд. Ви ги посочуваме нанамерните грешки што ги прават родителите кога ги бањаат своите деца.

1. Оставање на детето само во бањата
Никогаш не смеете да го оставате бебето само, а и поголемите деца постојано треба да ги надгледувате. Некои родители мислат дека е во ред да го остават детето на една-две минути, но не е така. „Дури и дете од три, четири или пет години може да се лизне и да ја удри главата, а во зависност од тоа колку вода има во кадата, може и да се удави. Тоа е исто како кога возат велосипед, никогаш не знаете кога може да се случи незгода“, објаснува Фелпс.

2. Неподготвеност
Сунѓери, крпи, сапун, играчки – многу работи се потребни за бањање, но лесно може да се заборави некоја од нив, па ќе мора да ја напуштите просторијата. „Секогаш бидете сигурни дека сте собрале сè што требало пред да пуштите вода, така нема да мора да излегувате од бањата за да земете нешто што ви фали“, додава докторот.

3. Заборавање на термометарот за вода
Малите деца, а особено бебињата се чувствителни на топло и на ладно, па треба да внимавате пред да го ставите детето во водата. За да не дојде до изгореници, водата треба да биде млака. „Секогаш проверувајте ја водата со лактите зашто тие се почувствителни делови на телото отколку вашите прсти“, вели Фелпс. „Кога се бања поголемо дете, проверете дали може само да пушти вода, ако може, бидете внимателни да не пушти врела вода“, додава тој. Тоа е уште една причина да не се вртите со грб ни на една секунда.

4. Када полна со топла вода
Некои нови родители мислат дека е паметно да ја наполнат кадата со топла вода зашто така на детето ќе му биде потопло. Но, поголемото количество вода го зголемува ризикот од давење, а тоа може да се случи за неколку минути. За бебето се доволни неколку сантиметри вода во кадата. За поголемо дете, најмногу 12 сантиметри.

5. Бањање беа подлога за када
Дното на кадата може да биде лизгаво, а тоа е многу опасно за децата кога се водени. „Малите деца постојано мрдаат, се вртат, па може да паднат, а кадата станува уште полизгава од сапунот. Имајте на ум дека детето може да се удри и на чешмата“, додава докторот.

6. Премногу сапун во водата
Сапуните и шампоните може да му влезат на детето в очи, а исто така и нивната кожа е многу чувствителна, па треба да се заштити. „Користете многу нежни сапуни. Воедно, не е потребно големо количество сапун“, вели Фелпс. Тој советува и мачкањето со сапун да го правите на крајот од бањањето за да не седи детето во таква вода, зашто тоа може да ја иритира кожата.

7. Играчки, сунѓери и крпи оставени во водата
Играчките во кои влегува вода може да претставуваат голем ризик за децата по бањањето. „Бактеријата псевдомонас може да се рашири во внатрешноста на играчките, на пр., во гумените патки. Обидете се да ја исцедите водата од нив по бањањето“, вели Фелпс. И сунѓерите и крпите може да бидат проблематични, па затоа обесете ги да се сушат и често менувајте ги, додава докторот.



912

X