Најчестиот начин на кој децата ја губат својата психолошка моќ е преку убедувањето дека воопшто не ја ни поседуваат. А како би го убедиле детето дека не ја поседува ако не преку пораките што секојдневно свесно или несвесно му ги упатуваме

Еве примери за пораки што на некој начин претставуваат невидливи стрели за детето, дегенерирајќи некој сегмент од неговата личност:

„Со тебе не се излегува накрај. Со тебе треба само со лошо“

Ова детето тоа го сфаќа како: „Лошо сум. Ако не постоев, немаше да има проблеми“. Честопати детето тоа несвесно го одразува со повреди на себеси или екстремно однесување како опасни спортови, користење алкохол, дрога или други психоактивни супстанции кои се најчеста деструкција на денешната младина.

„Не се прави паметен/а“ или „Не летај многу со главата во облаци“

Ова се пораки кои директно влијаат врз сликата за себе или автоперцепцијата кај детето и креираат личност која подоцна нема да има свое мислење или став за нештата околу себе, ниту пак ќе има желба да развие свое мислење, со став и убедување за себе дека не вреди и не е достојно за тоа.

„НЕ ТЕ САКАМ, не си умен/а, не ја заврши домашната, не ги собра играчките…“

Ваквите пораки предизвикуваат најголема емотивна болка за детето. Детето го поставува прашањето: Ме сакаш ли? главно преку своето однесување, а ретко со зборови. Одговорот што му го даваме на тоа прашање има особено влијание врз определувањето на неговиот главен однос кон животот.

„Само јас знам што е најдобро за тебе“
На пример, еве една ситуација:
Мајка: Можеш да облечеш нешто што ти се допаѓа.
Дете: Што мислиш за ова, мамо?
Мајка: Не, не сине! Тие риги не одат со тие точки! Врати се и смени ја блузата.
Една недела подоцна детето повторно прашува.
Дете: Што да облечам, мамо?
Мајка: Ти реков облечи што сакаш. Зошто постојано ме прашуваш?

Со ваквите пораки создаваме деца кои нема да размислуваат со своја глава, нема умешно да ги решаваат своите проблеми, ниту да ја развиваат самодовербата во себе, секогаш повеќе ќе им веруваат на другите отколку на себеси и ќе развиваат послушност кон туѓото мислење. Ваквата зависност која преку порака ја пренесува родителот потекнува од основното уверување на родителите дека ги поседува своите деца.

„Невоспитан/а си“ или „Ти си лош/а“

Кога детето добива ваква порака од својот родител (воспитувач), таа го намалува авторитетот на родителот и кај детето предизвикува чувство на неправда, лутина, револт што многу често го потврдува преку своето непожелно однесување.

Автор: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти

„Ми го крена притисокот“, „Се жртвувам за тебе“… Колку може да биде опасно наметнувањето вина на децата



912

X