Иле Михајловски, одделенски наставник во „Кирил и Методиј“ во Свети Николе започна иницијатива на социјалните мрежи за собирање училиштен прибор за деца од ранливи категории. Ја почна со сопствен пример, а досега, како што вели, има десетина заинтересирани донатори. Доколку собере доволно, освен во неговиот град, училишниот прибор ќе го распредели и на ученици во други градови. Михајловски е еден од најдобрите избрани наставници на Балканска конференција на наставници од екс-ју државите. Ова е неговата порака
Нема да зборувам за неизвесноста што Ковид-19 силно ја рефлектира врз почетокот на учебната година. Нема да зборувам за формата на почетокот на учебната година. Уште помалку ќе зборувам за труењето по социјалните мрежи каде што ставот сакам – не сакам онлајн-настава се менува побрзо од трепкањето на очите. Не сакам да зборувам за компјутери, таблети, паметни телефони. Ете, не сакам за ова да зборувам оти премногу „мудрости“ се изначитав веќе еден месец на оваа тема. Ама никаде не прочитав за она за кое мене ми се зборува СИЛНО!
Изгледа себичноста ни е најсилната карактерна црта како народ, па не видов, ниту слушнав некој да поттикне да се зборува за она што веројатно не се трудиме да го видиме, постојано ни е пред очи или, пак, како трн нè боцка в очи, па го тргаме погледот.
Заборавивме ли колку деца имаме во нашето општество на кои најголемата радост им е насушниот леб и полното стомаче. Заборавивме ли на колку деца гладот им е најсилното чувство секој ден! На колку деца топлиот дом и покривот над глава им се најголемата насмевка и сигурност. На колку деца силно им недостига родителската прегратка, љубов и присуство!
Ете, за овие деца ми се зборува!!!
За нив, затоа што секоја учебна година им предизвикува тага, несигурност, повлеченост и осаменост. Како и да почне оваа учебна година, за нив еднакво тешко почнувала секоја претходна. Далеку се овие деца од поимот сакам – не сакам! Далеку се од поимот таблет, компјутер, паметен телефон. Нив и вака и така ги мачи најтешкото и најважното што му треба на секој ученик за да биде среќен ученик – училиштен ранец и потребниот прибор! Постојат деца на кои им е поважен оброкот од обичната тетратка, молив, боички…, а не се ни најмалку виновни.
И срце не ми дава, а да не се прашам самиот себе: може токму во овие деца се крие некој иден доктор кој ќе ме лекува мене или вас, некој хирург кој ќе спасува животи, некој правник кој од срце ќе ја дели правдата, оти како дете не ја почуствувал, некој наставник кој ќе биде човекот што ќе го извади најдоброто од идните генерации, пекар кој ќе ги прави највкусните ужини на некои нови дечиња…
И додека социјалниве мрежи вријат од „преплашени“, „засегнати“ родители, за овие деца никој и ништо не спомена и не направи.
Ама се надевам дека не е доцна да се разбудиме и за НИВ! Како и да почне учебната година, овие деца ги „убива“ најмногу овој почеток, оти се неспремни, оти немаат. Вакви деца има во мојот град, има во секој град и село. И колку сакате земете ми за зло што мојата искреност може да ја разберете за дрскост, ама и овие деца се ВАЖНИ како и сите други.
Мојот почеток е можеби скромен и мал, ама барем е нешто за разлика од сето она што го гледам и слушам.
Знам дека ве има, може треба еден ваков пост да нè разбуди сите.
Не барам многу, откажете се од некое пладневно кафе, непотребно излегување и помогнете овој куп подолу да расте и да се зголемува. Колку повеќе расте и сте дале придонес, сте предизвикале насмевка и радост на повеќе деца за кои решив да зборувам.
Искрено и од срце, некако ВЕРУВАМ дека до почетокот на учебната година купчето ќе расте и ќе ми биде драго што сте предизвикале насмевка на некое детско лице.
Затоа што правото на образование е право на секое дете!
912