Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ми требаше подолго време за да ви се обратам, но конечно собрав храброст. Имам две машки дечиња, првото има три години, а второто една и пол година. Мала разлика. Уште пред да се роди второто дете бев во паника како ќе успеам да ги одгледувам овие две малечки, но со текот на времето се навикнав и едноставно се научив да функционирам брзо. Но сега сум во период кога не знам како да постапам.

Секое утро стануваме рано, се подготвуваме, јас на работа, а таткото е во странство моментално. Интересно станува кога си доаѓаме дома. Поголемото дете не сака ништо да ме послуша. На пример, на „Седни да јадеме“, тој стои на столот, а и малото го прави истото. Ако му кажам да не се качува или да не фаќа некаде, ме игнорира, а малото сè повторува. Се обидувам да ги заинтересирам: ќе редиме коцки, ќе боиме, ќе си играме…,  што било. Цел ден сум како кловн и на крај сето тоа им здосадува за многу брзо време и почнуваат глупости да прават.

Повишување на тон, тепање по задник, фаќање за уво, ништо не функционира.

Се обидувам да не викам и да имам разбирање, но некогаш се неподносливи.

Е сега ова се случува кога се заедно. Кога се сам по сам, како да немам дете дома. И да напоменам, нема шанса поголемиот да му даде играчка или што било на помалото, дури веќе почнуваат и тепачки меѓу нив. Поголемото знае дека не треба да го задева помалото братче и за негова возраст разбира доста работи, и кажува што е исправно однесување, што не, а пак го прави спротивното.

Целото внимание ми е насочено кон нив, но не знам како да се справам, како да му објаснам на поголемото дека дел од работите што ги прави не се во ред и дека треба да ме послуша, а на помалото мислам дека и да му објаснам, нема да ме сфати. Се надевам дека ме разбравте и дека ќе ме посоветувате.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Вам воопшто не ви е едноставна улогата на родител од неколку аспекти, дека сте грижлива мајка која разбира дека доколку таа не ги направи работите, тие нема да се случат, поради намалената поддршка што ја имате во моментов бидејќи е отсутен сопруг, а и не споменувате дека некој ви помага во попладневните часови кога сте сами со нив, дека станува збор за родителствување на две мали дечиња кои се доста блиски со возраст, но и доста мали за да се бара каква било одговорност од постарото, иако многу добро сте забележале дека начинот на учење е преку имитирање.

За поздравување е вашата идеја да ја стимулирате нивната игра, да ги научите на соодветни манири, да ставите ред уште од мали нозе. Сепак, тука границата секогаш е тенка затоа што она што го замислуваме во контакт со толку мали деца не е секогаш остварливо. За на крај да останете разочарани и со чувство на неуспешност.

Радмила Живановиќ

Затоа почнете да ги гледате децата со поинакви очи, прво дека се мали, импулсивни, егоцентрични, дека објаснувањата не палат кај нив на начин на кој би очекувала, дека носат многу неконтролирана енергија, дека се непредвидливи и дека можат да те изнервираат на мал милион начини, и да ја допрат онаа вредносна одредница- дали сум добра мајка преку прашањето каде грешам?

Драга мајка, вие не грешите, вие се обидувате на најдобар начин да преживеете во она што ви е дадено, а без притоа летаргично да се предадете на дигиталните воспитувачи, туку да им обезбедите на децата контакт и присутност. И мислам дека тоа, на оваа возраст, е доволно.

Нормално е во ваква ситуација да ви е потребна поголема контрола и рутина на живеењето и секоја непредвидливост, претпоставувам, знае да ве извади од такт, и да креира како што вие велите – паника. Паниката е типична за родителите што сакаат или се принудени поради одредени ситуации во животот да ги држат работите под контрола. Таа најчесто се јавува кај родители кои гледаат во сопствената несовршеност и кои не ги валоризираат ограничувањата на условите и животот. Станете свесна во што сте ограничени без тоа да си го препишувате на сопствената личност или улога како мајка, и ќе видите дека тоа нема да ве вознемирува толку. Станете свесна и што е она што го правите многу добро, за инвестицијата која ја давате, и за начинот на кој тоа успешно го правите вака добро да функционира. Искрено, сама да спремаш две деца рано наутро, за мене е  чин на херојство. Но тоа значи и дека ќе морате да адаптирате некои работи за себе и своите деца со цел порелаксирана и поразбрана живејачка.

Кога зборуваме за внесување стимулација во играта и во нивната комуникација, мора и тука малку да се повлечете и да не се трудите да го контролирате игралиштето. Играчките нека им бидат на дофат на децата, можете сите да правите нешто, а да сте во соба-игрална, така што доколку имаат нешто да ве прашат, да им бидете достапна. А понекогаш да ги оставите и сами некое време, па повторно да им се вратите.

Оставете да видите и како ќе ги решат караниците и соочувањата, или пак научете да им го одвлекувате вниманието на поинаков начин, со топка, на пример, без многу објаснување. Заменете ја контролата и со јасни граници кои ќе ви обезбедат поголем мир. Не обидувајте се да укажувате кој е поголемиот, а кој помалиот бидејќи нема потреба од споредба за да поентирате, децата на таа возраст сè уште не можат да ја разберат позицијата на другиот, така што тука трошите доста време. Тоа значи дека вашето „не“ е вашето „не“ без објаснување зошто и како.

Велат дека за да се израсне и воспита едно дете, потребно е цело село, а вие имате две деца и вашето село не се собрало околу вас да ви помогне. Затоа, прашањето за мене во однос на поддршката за нивно воспитување е дали навистина ја немате, ја немате онака како што ја замислувате и сте одлучиле поради потребата единствено вие да ги воспитувате на ваш начин. Ова прашање на поддршка што ја имате и ја градите околу себе е значајно прашање во однос на вашата преоптовареност како родител. Кој би можел да ви помогне и во што? Понекогаш сите навидум спорадични обврски, доколку некој ви помогне да ги средите, можат значително да ве смират и да ви обезбедат простор да се насочите кон децата.

Еве тоа нека биде сега за сега една добра стимулација за во која насока би можело да се заштеди од енергијата која не е во изобилство, која ни е во ограничени количини, а знаеме во воспитувањето на децата да ја растуриме на сите страни, па на крајот од денот да се чувствуваме исцрпени и незадоволни. Затоа, ве насочувам, како за крај, да се визионирате себеси на крајот од денот, како сакате да изгледате, да се чувствувате, да се доживувате… И ова треба да се вежба, наутро, пет минути пред да ги отворите очите и да скокнете од креветот за да почнете да се борите со убавиот и раскошен живот.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X