Пушти коси, Оган под ѕвездите, Knockin’ on Heaven’s Door се само дел од нивниот репертоар, а постојат едвај еден месец. Запознајте ги талентираните млади музичари од Ресен кои најмногу од сè сакаат да свират заедно. Тројца од нив се самоуки, а само еден учи во музичко училиште
Летото е време за авантури, време кога децата се слободни, препуштени на играта и на дружбата. Долгиот ден некогаш знае да биде и досаден, ама тоа може и да донесе нешто ново и интересно. Четири деца од Ресен пред еден месец решија да почнат да создаваат нешто ново. Не сите знаеја многу за тоа како да свират на инструмент – Наум Бумбароски (12) доби гитара за именден, без претходно да знае ниту еден акорд, Христијан Георгиевски (13) свири на акустична гитара една година и се научил сам, Матеј Касовски (12) научи да свири на гитара од татко му Сашо, а Филип Гулевски (10) е единствениот што се образова во музичко училиште и свири на тапани.
Проба на другарите од бендот
Вежбаат во старата куќа на дедо му на Наум
Со голема поддршка од родителите, тие го создадоа бендот „Лонгплеј“. Секој од нив задолжително си вежба дома, а пробите ги прават во старата куќа на дедо му на Наум. На почетокот се собирале во гаражата на Матеј.
Тројцата гитаристи учат во Основното училиште „Гоце Делчев“, а Филип, кој свири на тапани – во „Мите Богоевски“. Велат: „Лидер немаме, сите сме еднакво важни“.
Филип во новата учебна година ќе оди во шесто одделение. Тој е единствениот во групата што паралелно учи и музичко училиште во Битола, каде што ќе биде трето одделение на отсекот ударни инструменти, и свири на сет тапани.
Филип Гулевски
– Уште од 4 години пројавив желба за ритмиката, свирев на импровизирани инструменти, така сè до 5,5 години кога татко ми ги купи тапаните за да вежбам. Веќе од трето одделение, откако се запишав во Државното музичко училиште во Битола, свирам по ноти и учам од стручни професори – вели Филип.
Тој слуша секаква музика, а ја сака македонската ритмика, која смета дека е многу интересна за изучување.
– Сум заспивал со цели концерти на Гаро и браќата Тавитијан, „Леб и сол“, „Кроматик поинт“, а од странските би ги издвоил „Еј-си Ди-си“, „Дрим тиатар“, „Ганс анд роузес“ и др. Репертоарот е избор на Матеј и Наум, јас како предводник на ритмиката полесно ги совладувам темите, секако, потешкиот дел околу акорди и тоналитет за пеење е кај нив, но претежно сме на поп-рок теми. Кога сме сите заедно, звучиме како едно цело, тоа е тој момент кој исполнува и едноставно ме радува што звучиме како бенд од возрасни лица, а не од деца – вели Филип.
Тој досега има настапувано во живо со повеќе локални групи, нема да го заборави настапот сo Влатко Четкар и неговиот бенд пред неколку години на генерална проба во Охрид.
-Во живо сум свирел и на хуманитарна забава во Охрид. Како гостин во емисијата „Неберигајле“ на Жанко З’ш Голабоски во 2016 година настапив со изведба на неколку странски теми. Сум настапувал и на меѓународни натпревари на Факултетот за музичка уметност во Скопје, освојувајќи специјална награда и прво место во мојата категорија, две години по ред. Благодарение на татко ми, имав можност лично да запознам многу тапанари од Македонија, Србија и од Хрватска – вели Филип.
Татко му Кире Гулевски вели дека се радува што нивните деца се убава приказна зашто не е така често да се гледа и слуша млади и талентирани деца да свират и да звучат одлично како бенд и на моменти да ви се причини дека свират возрасни лица, а не деца.
– Ние како родители сме тука да им помагаме сега и понатаму, тие се мали и неопходна е наша помош, предност за нив е што и ние сме музички таленти, па им помагаме околу нивната желба за свирење и, се разбира, во нивното музичко образование. Со оглед на тоа што Филип од мал поседува невиден талент за ритмика, а сега веќе се образова музички, сериозно е навлезен во тие води и ние како родители сме тука за да го поддржиме во тоа – вели Гулевски.
Ангелски глас
Наум од септември ќе биде седмоодделенец. Тој вели дека нивното спојување било сплет на околности. Тој свири на електрична гитара и пее.
Наум Бумбароски
– За мојот именден (на 3 јули) добив електрична гитара како подарок и знаејќи дека Матеј и неговиот татко свират, отидовме кај нив за да ни кажат дали сме направиле добар избор. Идејата за формирање бенд беше на таткото на Матеј, кој веднаш ни предложи да почнеме со вежби и се понуди да нѐ подучува и да ни помогне. Гитарата подолго време ми е љубов, а страста и талентот за пеење ги открив неодамна. Талентот веројатно го наследив од моите родители, кои убаво пеат, а основите ги научив на часови кои гитаристи ги споделуваат на „Јутјуб“ – вели Наум.
Негови омилени бендови се „Ганс енд роузес“ и „Квин“, а омилени песни – „Knockin’ On Heaven’s Door” и „Sweet Child O’ Mine”.
-Најмногу ме радува чувството што го имам кога слушам каков производ создаваме кога свириме сите заедно. Сакам да се занимавам со музика и во иднина – вели Наум.
Неговите родители Александра и Пеце велат дека се пресреќни што децата прават нешто што ги исполнува и ги прави среќни.
-Наум постојано се консултира со нас за секоја новонаучена песна, бара да го ислушаме и го чека нашето мислење. Би сакале Наум да продолжи со музиката, но нашата желба не му ја наметнуваме, оставаме тој самостојно да избере што сака да биде кога ќе порасне – велат родителите на Наум.
Сакаме да настапуваме во живо
Христијан Георгиевски свири на акустична гитара една година. Тој е осмо одделение и свири бас-гитара. Омилен бенд му е „Битлси“.
Христијан Георгиевски
– Почнав да учам сам, а потоа со помош на бендот и татко му на Матеј. На крајот од секоја проба се договараме која песна ќе ја научиме за наредната проба. Најсреќен сум кога некоја песна ќе ја отсвириме целосно без грешки. Многу сакам да настапуваме во живо – вели Христијан.
Неговите родители се радуваат на детската иницијатива и велат дека би го поддржале доколку му расте интересот за посериозно да се занимава со музика.
Сите сме лидери во нашиот бенд
Матеј Касовски сега ќе биде седмо одделение и свири соло-гитара. Тој научил да свири на гитара од татко си Сашо, кој, исто така, се занимавал со музика.
– Омилена песна ми е Aces High од „Ајрон мејден“, а го сакам и бендот „Ганс енд роузес“. Најубави ми се солажите во песните додека ги свирам. Сите сме лидери во нашиот бенд! – вели Матеј.
Неговиот татко Сашо, кој и самиот свири на гитара, вели дека земајќи предвид дека тоа се деца на 10-13 години, помош од родителите им е потребна во секоја смисла.
– Секогаш ќе ја имаат нашата поддршка, што и да изберат како животна професија. Ако се одлучат и имаат желба да се школуваат во музичко средно или академија, тука сме за нив – вели Касовски.
Фото: Александра Бумбароска
912