Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам девојче од 13 години. Многу е темпераментна, одговорна, дружељубива и спортист. Дома е во убаво опкружување, живееме во хармонија, но пред три години почина свекор ми пред нејзини очи, таа била само со него, викала помош и оттогаш почнаа проблемите. Секој момент повторува дека ѝ е страв, супер дете е, одлична е на училиште, сè додека да дојде момент да оди некаде надвор од градот. Секој момент повторува дека ѝ е страв, дека се задушува, дека нема воздух, дека ќе ги мисли домашните, да не им се случи нешто лошо. Исто така, секој момент е под стрес да не повреди некого, да не го налути, да не биде крива. Пробавме на многу начини, со објаснување, со убаво, но ништо не помага. Ве молам за помош.

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Вашата ќерка имала многу силна емотивна траума. Во моментот имала 11 години и презела одговорност и грижа за животот на нејзиниот дедо. Таа емотивно се „изместила“ во преземањето одговорност за грижа за другиот. Во моментот на случувањето – губење на дедо и немоќ да му помогне – кај неа се појавува мисла за растење и помагање секогаш на другите. Нејзиниот страв за губење на блиските се зголемува кога треба да патува бидејќи тогаш се појавува стравот дека можеби ако не е присутна, не ќе може да има контрола над случувањата. Кај неа се зголемило чувството за контролирање и кога не може да контролира, се појавува анксиозност манифестирана со задушување, немање воздух или со мисла дека ќе се случи нешто лошо. Тоа е момент кога вашата ќерка не е тука и овде, туку таму и некаде. Таа на нејзините патувања не размислува за себе и убавото искуство што ќе го има. Нејзиното трауматско искуство е да се грижи за другиот и дали ќе успее во тоа.

Наташа Маџевска, психотерапевт

Стравот е чувство што ни е најмалку драго, но тој е вообичаен и потребен дел од нашите емотивни искуства со кои се сретнуваме. Тој ни помага да бидеме внимателни и да се заштитиме од опасности, но може и да нè спречи да го правиме тоа што сакаме.

За среќа, како родители можете да ѝ помогнете на вашата ќерка да го надмине стравот со тоа што ќе ѝ дадете поддршка дека е во ред да се плаши и ќе споделите ваше искуство кога се плашите. Да ѝ дадете доверба за нејзиниот страв и сочувствување со истиот. На пример: „Верувам дека се плашиш кога треба да патуваш сама и многу ми е жал што така се чувствуваш“. Да ѝ кажете дека сте присутни за неа за да го надмине и победи стравот. Да разговарате што би ѝ помогнало околу нејзиниот страв. Да зборувате за нејзините реални очекувања, заедно да правите замислени можни сценарија и да ја пофалувате за нејзиниот труд и храброст, а не само за нејзините постигнувања.

Би ве советувала да побарате стручно лице и да го надмине ова искуство. Да продолжи да расте и да се развива со ведрина и присутност.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X