м-р Слаѓана Трајкова, логопед

м-р Слаѓана Трајкова, логопед

ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје
тел: 075 857 284

Повеќе од авторот

Не е ништо страшно ако дете од 7 години не може да направи разлика меѓу недела и месец, или не разликува месец од година. Треба да го оставиме да созрее и да ја искористи играта како средство за созревање

Периодот на созревање од третата до деветтата година од животот уште го нарекуваме и златен период на детството. Пред третата година детето било бебе, а по 10 години од животот ќе навлезе во возбудливиот период на т.н. претпубертет.

Не е ништо страшно ако дете од 7 години не може да направи разлика меѓу недела и месец, или не разликува месец од година. Треба да го оставиме да созрее и да ја искористи играта како средство за созревање, без мешање и критики од наша страна. Ако му се пее, оставете го да пее и не замолчувајте го, ако му се прави неред, нека го направи тој неред.

Да му овозможиме да си има свое катче во кое ќе има слобода на созревање и во кое на мир ќе ги прави своите слики од соништата. Нека живее во својот мал свет, без да го брзаме да го напушти и да влезе во светот на возрасните. Да му оставиме време да порасне, да зрее и на крај да созрее.

Ќе наведам неколку примери на деца што ги набљудував во мојата работа како логопед:

1.Забавен моторен развој

Централниот нервен систем не се развива во потполност и во ист ритам. Моника имаше правилно развиен говор кој одговараше за дете од 7 години, но нејзините движења и контролата на тие движења, како и трудот кој таа го вложи за тоа да изгледа нормално, изгледаа како да има 5 години.
Што е тоа отстапка во моторниот развој? Тоа е кога детето станува способно да извршува сложени моторни движења и умее сè повеќе да ги диференцира. Од ден на ден станува поспособно да ги контролира своите движења и со нив да доминира. Доколку ова не созрее со годините, тоа не значи дека детето е болно, и не се работи за болест.
Оваа нестабилност со текот на времето ќе се повлече. На пример, Моника беше дете кое, едноставно речено, имаше позабавено развивање на делот на контролата на движењата и на командите. Нестабилно дете на свој начин, на кое му беше потребна стручна помош.
Се разбира, не ја оставивме така да се однесува, така како што таа знаеше. Напротив, се работеа многу стручни вежби за да се извежбаат нејзините движења.

2. Немирност како причина

Здравото дете нормално е да биде немирно, бунтовно и бучно. Бара да прави врева со премногу зборување. Андреј беше дете кое имаше правилна развиена вербална и невербална комуникација, умееше вешто да прераскаже приказна, но и да постави прашање за нешто што не му беше јасно. Андреј имаше пет години, но преголема потреба за движење. Потребата за движење се јавува како фундаментална, како што е потребата за храна и пиење.
Кога движењето не му беше задоволено, Андреј стануваше немирен. Така се однесуваше не само во семејството, туку и во градинката. Сакаше да трча, мрда и скока.
Кога го чуваше мајка му, во домашни услови, од него бараше да биде мирен. Се поставува прашањето: Нели е ова малку неразбирливо за дете што има потреба за движење?
Потребно е да се однесе детето во парк и таму убаво да се истрча. Оставете го да трча колку што сака. Во текот на третманот му изготвив распоред, како да го искористи времето во текот на денот, му одредив период за одмор и период за трчање. Кога ќе завршеше периодот на трчање, детето стануваше мирно.

3. Недостигот на авторитативен став од околината како причина

Јаков беше здраво дете кое немаше забавен моторен развој, со правилна артикулација на гласовите и со правилна контрола на движењата. Имаше 5 години и беше вешт во извршување мануелни активности. Јаков имаше таква тешкотија што не знаеше како да се контролира однатре. Она дете што не знае да се контролира однатре не треба да се чудиме ако не знае да се контролира и однадвор. За овие деца, како што беше Јаков, родителите ја имаат клучната улога, а особено таткото како машки авторитет.
Таткото треба да ја преземе едукативната и воспитната улога врз детето. Да покаже цврст став и да не му попушта, да не го разгалува. Под цврст став не значи дека треба цело време да гледа во него и негативно да го критикува. Да се учи на ред и дисциплина во начинот на живеење.

Гилберт Робин напишал: „Не треба да бараме од детето совршеност затоа што тоа не е ни можно, но не е ни толку потребно“.

Како логопед со долгогодишно работно искуство, работејќи на рехабилитација на децата што имаат тешкотии во вербалната комуникација, можам да го кажам следново: И она дете што научило убаво да зборува претходно било охрабрено од родителите и успеало многу полесно да ги запамети оние зборови што нему му се допаѓаат.



912

X