Повеќето родители се свесни за ризиците на кои се изложуваат кога објавуваат фотографии од своите деца онлајн. Во зависност од приспособувањата во однос на приватноста, фотографиите може да ги преземе некој и да ги гледа. Некои од овие луѓе можеби се пријатели и семејство, но некогаш има и непознати, потенцијални злоупотребувачи, кои гледаат фотографии од деца.

Проблемот со „споделуваното родителство“

Онлајн-фотографиите може да се користат како дел од измами, крадење на идентитети или експлоатација на деца. Сето тоа е ужасно и е нешто што родителите би требало да го избегнуваат, Но, има и други проблеми – кои се прошируваат на дискусија поврзана со децата на социјалните медиуми или блоговите. Овие проблем се однесуваат на дигиталниот идентитет и приватноста на нашите деца.

Во време на паметни телефони, „сликни и сподели“ е во природата на многу родители. Некои родители, пак, создаваат кариера од ова, повлекувајќи ги и своите деца со себе. Но, што се случува кога детето ќе порасне и ќе сфати дека делови од неговото детство биле јавно споделувани, заедно со слатките приказни за важните први работи што ги направило, избувнувањата во супермаркетите, училишните успеси и друго?

Некои деца немаат проблем со ова, голем дел од нив се „тренирани“ да бидат пред и зад камерата. Но, за некои ова е голема траума, па имаат чувство дека целиот нивен живот бил изложен без нивна согласност, далеку пред да ја имаат шансата да го креираат својот идентитет.

„Има толку многу објавени податоци за нас“

Има приказна за тинејџер кој го имал ова чувство. Оваа млада личност на платформата „Редит“ објаснува дека и покрај молбите за приватност, нејзиниот родител продолжил да споделува детали од нивниот живот онлајн. „Јас сум тинејџер и мојата мајка е популарна на Инстаграм и е блогер. Имаше блог за мајки каде што секогаш пишуваше за мене и за мојата сестра. Не е во ред бидејќи толку многу работи се објавени за нас, што кога и да се пријавам за некое работно место или имам состанок со некого, сите го знаат моето име“.

Потоа тинејџерот барал да нема нови фотографии од него онлајн. Да се отстранат сите фотографии што биле објавени и местата каде што му е споменато името.

Почитување на приватноста

Кога родителот на споменатиот тинејџер ги одбил ваквите барања и продолжил да го прави тоа, тинејџерот генијално се справил со ситуацијата. „Пронајдов веб-страница што печати јакни, однапред, одназад и на рацете. Нарачав и неколку дуксерки со низа фрази на нив“. Фразите биле: „Без фотографии“, „Без видеа“, „Не се согласувам да бидам фотографиран/а“, „Не значи не“, „Почитувај ја мојата приватност“, „Не профитирај од мојата фотографија“. „Зедов една за мене и една за мојата 9-годишна сестра. Идејата беше мајка ми да не може да направи убави фотографии од нас бидејќи постојано ги носевме овие печатени маици, јакни и дуксерки кои праќаа моќни пораки“.

„Без фотографии“

Мајката на тинејџерот е бесна. Лута е бидејќи смета дека нивната облека е несоодветна. Тинејџерот поставил прашање на „Редит“ дали носењето на ваквата облека додека е со мајка си е неразумно. Добил илјадници коментари на ова прашање.

„Твојата мајка те експлоатира цел живот, за пари“, „Доволно е ужасно што твоите фотографии се изложени, а сега уште се обидува да те манипулира да бидеш дел од нешто што не сакаш? Тоа е надвор од границите. Инфлуенсер не е единствената работа на светот. Нека работи во туристичка агенција или нешто слично“, се дел од коментарите.

„Јас сум тоа што сум“

Ова не е првпат дете да побара да биде отстрането од фотографиите на родителот. Во јануари 2019 година блогерката Кристи Тејт напишала текст во „Вашингтон пост“ со наслов „Мојата ќерка ме замоли да престанам да пишувам за мајчинството. Еве зошто не можам да го сторам тоа“. Приказната се базира на тоа дека ќерка ѝ сфатила оти нејзината мајка споделува приказни и фотографии за неа. „Сакаше да знае дали може да ги отстранам фотографиите и есеите од интернет. Ѝ реков дека тоа не е можно“, напишала Кристи. „Ветувањето дека нема да пишувам за неа ќе значи гаснење на витален дел од мене, што нема да биде добро ниту за мене ниту за неа. Мојата ќерка не бараше да има мајка-писател, но јас едноставно сум тоа што сум“. Кристи потоа објаснила дека таа и нејзината ќерка се согласиле да преговараат за сето она што таа ќе го објавува во иднина, да дискутираат за секоја приказна или фотографија. Блогот на Кристи сега е приватен, но не е јасно дали е тоа поради барањето на ќерка си или поради критиките што ги добила по објавувањето на текстот во „Вашингтон пост“.

Автор: Пип Линколн

Извор



912

X