Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имаме ќерка на возраст од 3,5 години. Со сопругот пред извесно време беа излезени на прошетка во околниот парк каде што при играње се задевале со друго дете. Мајката на детето за да го одбрани – ја истегнала нашата ќерка за коса и покрај тоа што сопругот интервенирал и тргнал да ги раздвои. Ниту јас ниту сопругот го немаме нашето дете во ниту еден момент за што било и од која било причина физички казнето или опоменато и вакво нешто првпат ѝ се случува од возрасен. Дали непријатнава случка може кај неа да остави последици- траума и што можеме да направиме со сопругот за ова полесно да го преброди?

Прашува: читателка

ОДГОВОР: За жал, од она што го напишавте не можам да добијам јасна слика што се случило. Пишувате дека вашата ќеркичка се „задевала“ со друго дете, но што всушност подразбирате под тоа? Дали тоа „задевање“ било вербално или физичко? Кој го иницирал? Како децата се нашле во ситуација да се „задеваат“? Исто така, важен фактор е дали вашата ќерка се знае со тоа дете или тогаш првпат се виделе? Дали децата се врсници?

Исто така, пишувате дека мајката на детето, за да го одбрани, ја истегнала вашата ќерка за коса, што некако ми алудира дека во таа ситуација вашата ќерка била „напаѓачот“. Исто така, пишувате дека сопругот интервенирал и тргнал да ги раздвои. Дали овој инцидент со тегнењето за косата се случил пред неговата интервенција, за време или по? Исто така, од големо значење е како вашиот сопруг реагирал во оваа ситуација, односно каква била неговата првична реакција? Како и каква била реакцијата на мајката на другото дете откако ја повлекла вашата ќерка за коса? Дали вашиот сопруг и другата мајка одвоиле време потоа да поразговараат со децата за тоа што се случило додека биле сè уште заедно и потоа одвоени? Во вашето пишување фокусот е ставен на вашата ќерка, при што недостигаат голем број клучни информации за поширокиот контекст во кој настанала оваа конфликтна ситуација.

Ивана Маринчек, лиценциран психолог

За жал, не постои златен клуч, ниту пак едно универзално решение како да се постапи во вакви деликатни ситуации. Од една страна, за децата е важно да научат дека живееме во причинско-последичен свет во кој секоја акција повлекува соодветна реакција (ако се однесуваш лошо кон другите, другите ќе се однесуваат лошо кон тебе), но, од друга страна, и да ги научиме дека иако се мали, имаат свој интегритет (психички и физички) кој другите немаат право да го нарушат или загрозат. Замислете ги овие два важни аспекти како двата краја на една иста оска која има многу нијанси. Која од нијансите ќе ја искористиме, т.е. каков пристап ќе примениме, зависи од поширокиот контекст во кој се случила ситуацијата.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X