д-р Драган Костовски, дефектолог и биофидбек терапевт

д-р Драган Костовски, дефектолог и биофидбек терапевт

„Биофидбек центар“
Тел. 075 422 771
Biofidbek Centar

Повеќе од авторот

Кога во семејството ќе дојде новиот член (бебето), му посветуваме особено големо внимание, го следиме секој момент од неговиот живот, забележуваме кога се смее, плаче, кога почнува да испушта гласови итн. Во првите неколку месеци многу често се забележува една недобра синхронизација помеѓу двете очи, односно при насочено внимание и поглед на малото забележуваме како едно од двете очи не e во фокусот на објектот што се следи.
Оваа состојба на почетокот е нормална и сама по себе исчезнува во подоцнежниот развој на детето, но секако не смее да биде присутна по навршување на првата година од животот. Родителите често се вознемирени и реагираат одејќи прво на педијатар, а подоцна и на очен специјалист за да се утврди вистинската причина за оваа состојба. Во најголем број од случаите се работи за инфантилна недобро развиена очна мускулатура, која подоцна созрева и работите се враќаат во нормала, но понекогаш причината е покомплицирана и сериозна, па советот да се појде на преглед што порано е најдобар за сите родители што имаат и најмал сомнеж за сетилото за вид кај своите деца.

Тука ќе говориме само за една од причините за страбизам во детската возраст, а тоа е очната рефракција, или попознато кај народот диоптрија. Имено, доколку не постои добра рефракција на светлината врз мрежницата, очниот нерв не добива јасна слика, односно таа е заматена и тогаш детето се обидува да ги приспособи двете очи за да може појасно да ја види сликата, но во тој процес едно од очите се исклучува или делумно учествува во формирањето на сликата и тогаш се јавува една друга состојба на мрзливо око – амблиопија. Оваа состојба се карактеризира со недоволно формиран центар за вид во ЦНС (Централен нервен систем), во делот кој е одговорен за процесирање на информациите што се испраќаат од „мрзливото“ око, бидејќи тоа не ја работи својата работа како што треба, во ЦНС не се добиваат точни и соодветни визуелни дразби кои ќе резултираат со добро развиени нервни структури одговорни за процесирање на визуелните дразби.

На почетокот, кога ќе ја слушнат веста дека нивното мало дете се соочува со проблем поврзан со видот, родителите се преплашени и почнуваат да поставуваат еден куп прашања, ги интересира дали состојбата ќе се подобри или ќе се влоши, кои третмани им се на располагање итн. Стравот во првиот момент е нормален, но колку побрзо се помириме со реалноста и почнеме да преземаме конкретни чекори, толку подобро за детето, бидејќи првите шест години од развојот на детето се најбитни за формирање на видот, по седмата година веќе имаме издиференциран осет за вид и досега медицината сметаше дека по оваа возрасна граница не постои многу простор за работа кај страбизмот и амблиопијата останува доживотен проблем.

Третманот, освен во корекција на рефракцијата (препишување соодветен диоптер), се состои и во затворање со оклудори на окото што е подобро развиено за да му дадеме шанса на окото што е послабо развиено да се доразвие. Оваа метода со затворање на едното око постои од дамнина и во денешно време кога живееме во технолошка револуција децата ја доживуваат како казна, па честопати ја одбиваат и негодуваат да го затвораат едното око. Родителите реагираат различно на однесувањето на децата, некои се упорни и повторно и повторно пробуваат, други едноставно не се толку упорни во намерата да ги убедат сопствените деца дека треба да го прават тоа. Мора да кажам дека родителите се секогаш во право, но понекогаш треба да ги послушаме сопствените деца и од нив да не правиме послушни машини, напротив, потребен е дијалог со сопствените деца, разговор и аргументирање на нашите барања, нивните желби и откривање една рамнотежа меѓу овие две работи. Треба да бидеме креативни во целиот процес на корекција на видот кај сопственото дете, а во ниту еден случај да не станеме диктатори.

Сепак, по сè изгледа децата биле во право и методот со затворање на едно око наскоро ќе замине во историјата. Денес постои една нова метода на корекција која, замислете, може да биде применета и по 6-7. година од животот, односно независно од возраста на човекот со помош на оваа метода можно е да се коригира „мрзливото око“ и да биде ставено во функција на сетилото за вид. Замислете, методот е многу забавен и интересен, се состои во едноставно играње видеоигри, но со користење посебни 3Д-очила кои ги носи детето додека ужива во видеоиграта. Суштината е во тоа што доколку не ги користи двете очи истовремено, просто е невозможно да ја игра играта и на тој начин се стимулираат двете очи еднакво да го развијат сетилото за вид, по што за кратко време настанува доживотна корекција на сетилото за вид и комплетно исчезнување на аблиопијата.



912

X