Едноставните игри најчесто им се допаѓаат на децата со аутизам
Тешкотиите што ги имаат децата со аутизам се опфатени во три основни области, кои се нарекуваат тријада на тешкотиите: комуникација, социјална интеракција, имагинација.
Во комуникативните тешкотии се вклучуваат:
– недостиг на желба за каква било комуникација
– комуникација поврзана само со биолошки потреби
– тешкотии во говорот (забавен говорен развој)
– сиромашна невербална комуникација, вклучувајќи го контактот со очи, гестови, невербална експресија, говорот на телото
– може да имаат добро развиен говор, но без свест за социјална функција, неможност да започнат и да одржат комуникација, да зборуваат за интересите на другите и др.
– стереотипен говор кој се одликува со буквално слабо разбирање на фрази.
Многу е важно да истакнеме дека вештините за рана комуникација се поклопуваат со вештитните за социјална интеграција и игра. Тоа претставува добра почетна точка, каде што можат родителите да интервенираат.
Што можат родителите да направат за да му помогнат на своето дете со аутизам, а притоа да почнат и со развивање рана комуникација?
Еве неколку примери за практични логопедски игри.
Седнати на под
Можете да седнете блиску до вашето дете и да почнете да го гледате како игра. Можно е тоа да стане и да избега од вас кога ќе седнете покрај него. Но, за да не стане родителот, мора да има некоја интересна играчка што ќе го привлече неговото внимание. Советувам шарени балони, играчки што испуштаат звук, играчки што се вртат и испуштаат музика или играчки во шарени бои.
Кога ќе го направите првиот чекор и кога детето ќе го прифати вашето присуство, вие на позитивен начин почнете да го кажувате тоа што го правите. На пример, доколку детето гледа во сликовница, вие кажете му:
– Тоа е голема сликовница.
– Убава сликовница.
– Ми се допаѓа.
Доколку се работи за помало дете, можете да му пеете за тоа што го работи, на пример, со некоја позната песна.
Со текот на времето и вие ќе се вклучите во тоа што го работи детето. На пример, ако гледа во сликовница, вие кажете му:
– И јас гледам.
– И јас читам.
Целта на оваа практична игра е да се потрудите детето да се навикне на вас и да почне со вас да го дели просторот, а да не се чувствува исплашено.
Елена Трајкова
Игра со топка
Доколку детето си игра надвор со топка и не ви дозволува да играте со него, во тој случај ќе мора да најдете слична топка како неговата и да го имитирате она што го прави детето. Доколку сака да трча горе-долу, и вие почнете да го правите тоа со него. Кога детето ќе ве прифати дека сте блиску и дека ги имитирате неговите активности, направете напор за да започнете игра. Доколку забележите дека и тоа почнува да ве имитира и да ги работи активностите како вашите, почнете постепено да ја менувате играта. Направете таква ситуација новите предлози да изгледаат навистина восхитувачки.
На пример: доколку заедно гледате видеоспот, почнете благо да се мрдате во ритамот на музиката или доколку трчате заедно горе-долу, променете го правецот на трчање и почнете да трчате го круг.
Кога сето ова ќе може да го постигнете, ќе видите дека детето ќе може да ги прати вашите активности. Тоа укажува на добар знак и укажува дека сте на почеток на добар заемен однос. Ве советувам да продолжите и да бидете секогаш интересни и креативни во играта.
Едноставните игри најчесто им се допаѓаат на децата што имаат аутизам.
Што ќе постигнете со овие практични игри?
Многу истражувања укажуваат дека интерактивните искуства можат реално да ја променат физичката структура на мозокот. Дополнителните аудитивни, визуелни, тактилни и говорни искуства дадени на рана возраст кај детето може да го зголемат бројот на невронските врски, кои пак се многу корисни за да може да обработува гласови и зборови.
Доколку родителите забележат дека нивното дете има тешкотии во раната комуникација и ако се разликува во развојот од другите деца, во тој случај побарајте стручен совет од логопед.
Автор: Елена Трајкова, логопед
912