Според филозофот Артур Шопенхауер, животот на човекот и другите ѕверови се ниша како нишалка напред-назад помеѓу болката и досадата. Навистина, болката и досадата се двете главни состојки на постоењето, и тоа не само за време на пандемијата – мисла која може да донесе мало олеснување.
Шопенхауер бил првиот филозоф кој сериозно ја сфатил досадата, како една од примарните мизерии на човештвото, дефинирајќи ја како „скротен копнеж без некој одреден предмет“. Поверојатно е дека досадата ќе измачува интелигентна личност, за несреќа на самиот гениј Шопенхауер. Неговиот наследник Фридрих Ниче се согласува, додавајќи дека досадата е основната причина за низа жални феномени. Од друга страна, Ниче потенцирал дека досадата не е воопшто лоша. „Оној што се бори целосно против досадата се бори и против самиот себе. Никогаш нема да го пие најмоќниот еликсир од неговиот внатрешен извор“, напишал тој.
Досадата кај луѓето може да биде предизвикана или преку малку информации или преку премногу информации. Оние со послаб опсег на внимание полесно се досадуваат, за разлика од оние што бараат сензации. Луѓето во средни години поретко се досадуваат за разлика од тинејџерите и постарите луѓе. Се сугерира и дека мажите се посклони кон досадување отколку жените, иако не е земена предвид можноста дека жените едноставно немаат толку време за да се досадуваат.
Можеме да ја миноризираме, но не би било добро да се правиме дека досадата не постои, бидејќи токму таа може да нè поттикне да бидеме креативни. Може да нè однесе во друга насока, да нè натера на ангажман и трагање, бидејќи она што го правиме во тој момент, за нас очигледно не е задоволувачко. За досадата како пожелна за детскиот развој, говорел и д-р Ранко Рајовиќ.
– Досадата сигурно е поттикнувач на креативноста бидејќи така и настанала цивилизацијата. Кога луѓето пронашле оган, го намалиле времето на џвакање за 30 минути дневно, ослободиле многу време и така ја создале досадата. Потоа почнале да смислуваат различни работи, корисни алати, да ја обработуваат земјата… Повеќето родители ја искусиле досадата во детството и никој не им помагал, бидејќи тогаш децата оделе на игралишта, играле популарни игри или смислувале нови. Денес тоа, за жал, не е така, бидејќи штом детето се пожали дека му е здодевно, веднаш се вклучува некое помагало – ТВ, лаптоп или видеоигра. Така децата веднаш добиваат сè и сега, не знаат да чекаат или сами да се изборат против досадата… Тоа дефинитивно ќе има последици. А тоа се деца кои сакаат сè сега и веднаш и кои немаат толеранција. Во оваа ситуација особено е важно да им се дозволи да се досадуваат и самите да го решат тој проблем – смета д-р Рајовиќ.
Поимот досада, се разбира дека не е нов. Римскиот филозоф Сенека ја опишувал досадата како облик на мачнина. „Колку долго ќе ја правам таа иста работа? Малку се проѕевам, па малку спијам, па одам да јадам, па жеден сум, па ладно ми е, па топло ми е. Има ли крај?“, пишувал Сенека.
Но, што точно е досадата? Данкерт и Иствуд, клинички психолози од Канада, автори на книгата „Надвор од мојот череп: Психологијата на досадата“, ја опишуваат досадата како непријатно чувство кое се јавува кога сакаме нешто да направиме, а истовремено не сакаме да правиме ништо. Тоа не е емоција како таква, туку траен когнитивен процес во кој сакаме да го вклучиме нашиот мозок, но ниту една активност која ни паѓа на ум во тој момент не може да не задоволи, па само чувствуваме немир и летаргија. Не може да нè мотивира ниту фантазирањето, ниту лежењето на кауч.
Поради досада, младите се впуштаат во ризични ситуации, додека кај постарите досадата може да го забрза дегенеративниот процес на стареење.
Четири начини како да се избегне досадата:
1. Немојте да се борите против чувството на досада
Досадата е непријатна, но можете да се чувствувате уште полошо ако го додадете и чувството на страдање. Тоа е како кога ќе го превиткате зглобот – чувствувате болка и се казнувате зашто сте биле несмасни. Чувството на досада е неизбежно, но таа не е дел од вашиот карактер или способности.
2. Креирајте нова рутина
Во недостиг на вообичаена рутина, кога немате многу работа, можете да се чувствувате како да стагнирате. Обидете се да забавите, а тоа сè уште да ве прави задоволни. Не треба секогаш да бидете максимално продуктивни и да користите многу енергија.
3. Пронајдете смисла во тоа што го правите
Досадата не е знак дека немате што да правите, туку е борба за пронаоѓање вредности во која било од достапните опции. Пронајдете смисла во она што го правите и ќе ви биде помалку досадно. Наместо да правите што било, одредете што ви е навистина важно.
4. Избегнувајте пасивно да го трошите време
Лесно е цел ден да гледате серии или да ги прегледувате социјалните мрежи. Ако во тоа уживате, нема проблем, но ако се третирате себеси само како пасивен набљудувач, поголема е можноста дека постојано ќе ви биде здодевно.