Секојдневието на децата значително е променето. Структурирањето на времето се одвива на поинаков начин, рутините се променети или адаптирани на условите дома
Веќе еден месец децата не одат на училиште, ретко излегуваат надвор, немаат контакт со деца на нивна возраст, нивното секојдневие е сосема изменето. Тоа се одразува и врз ноќите. Во време на изолација тие повеќе сонуваат. За тоа како вонредната состојба поради коронавирусот се одразува врз детските соништа разговараме со магистерот од областа на клиничката психологија, Надица Скепароска-Петковска од скопското советувалиште „Мозаик“.
– Секојдневието на децата значително е променето. Структурирањето на времето се одвива на поинаков начин, рутините се променети или адаптирани на условите дома. Со оглед на тоа, децата доживуваат еден вид сензорна депривација. Депривирани се од сензорните дразби кои биле присутни во секојдневието пред пандемијата. На пример, детето кое седело 7 часа во училишна клупа и било опколено со уште 20-ина соученици и наставник/чка, одеднаш е дома во опкружување помало од претходното. Некои деца во текот на кризата се депривирани од дразбите на бучните улици, автобусите, вревата во парковите. Како да се наоѓаат во една капсула каде што сè е тивко, мирно и тече со бавно темпо. Таа сензорна депривација влијае на тој начин што го намалува нивото на стрес, ја подобрува концентрацијата и ја активира меморијата. Во тој случај соништата често може да се состојат од настани што претходно се случиле, збогатени со нова форма и содржини – објаснува Скепароска-Петковска.
Од друга страна, поради новонастанатата состојба, некои деца и возрасни доживуваат одреден вид страв и состојба на неизвесност. Се соочуваат со нова состојба – пандемија и вирус кој не е многу познат, истражен и предвидлив. Таа состојба може многу лесно да ја поттикне анксиозноста кај возрасните и децата. Зголеменото ниво на стрес влијае врз емоционалната состојба на децата, се активираат стравови и грижи. Овие деца преку ден се загрижени, со намалена концентрација, вознемирени и исплашени.
Децата што реагираат анксиозно може да имаат тешкотија да заспијат, може да бараат да спијат со возрасен, со запалено светло и може да имаат ноќни стравови.
Надица Скепароска-Петковска
– Повеќе истражувања месецов покажуваат дека луѓето во периодот на кризата повеќе сонуваат и повеќе се сеќаваат на соништата поради фактот што спијат подолго и тоа претставува можност за појава на повеќе РЕМ-фази на спиење и креирање соништа. Истото се случува и со децата, кои во овој период спијат подолго од вообичаено – вели Скепароска-Петковска.
Што им се случува на децата додека сонуваат?
Прво, соништата можат да бидат репродукција на секојдневието. Додека спиеме мозокот има улога да процесира емоции и да интегрира сè што се случувало во секојдневието. Вообичаено мозокот процесира поактивно во ситуации кога има нова содржина или непозната рутина во секојдневието. За децата новата содржина, како што е вирусот за кој првпат слушнале, е идеална можност за активирање на фантазијата и емоционалниот одговор. Новата рутина исполнета со нови содржини, како е-училница и игри дома со возрасните, исто така се процесира низ соништата додека децата спијат.
Второ, поради ефектот на сензорната депривација кај некои деца се ослободува долгорочната меморијата и во текот на спиењето имаат пристап до оние содржини што биле пријатни или непријатни и исполнети со емоции и дразби. Честопати во соништата се појавуваат содржини и личности што ни недостигаат. Децата што сонуваат реалистични работи одново ги доживуваат случувањата од минатото, со изменета форма и содржина. Наративот на соништата може да биде разновиден. Децата на возраст до 8 години сонуваат реални или измислени настани кои се движат како секвенции и може да се поврзани. Децата по осмата година сонуваат покомплексни соништа, каде што има мислење и доживување.
Стресот влијае врз емоциите и врз соништата, така што кај некои деца може да се јават соништа кои се живи (вивидни). Некои деца што преку ден слушаат вести и ги слушаат возрасните како зборуваат со страв и грижа може да доживуваат страв и немир додека спијат.
Четврто, соништата имаат и улога во изнаоѓање алтернативни начини и солуции во однос на некоја ситуација или животен аспект. Во овој период децата што почесто сонуваат и ги паметат соништата може да се стимулирани од актуелната кризна состојба во насока на претставување на иднината и наоѓање нови начини на живеење и уживање.
Соништата покажуваат како се чувствува детето
Детските соништа вообичаено се интеграција на емоции, доживувања и случувања од детскиот живот. Тие покажуваат како се чувствува детето, како ги доживува настаните од секојдневието и како се доживува себеси. Во однос на соништата и стресот кој го доживуваат децата, во овој период најдобро е возрасните да разговараат со нив и да ги утешат. Разговорите за сонувањето можат да се водат на неколку начини. Но, многу е важно детето да има доверба и да се почувствува разбрано и прифатено за да може да ги раскаже своите соништа полни со фантазии, стравови или убави чувства. Убаво е да се поттикне детето да раскаже што сонувало и да се слуша внимателно без да се интерпретира содржината на сонот.
– Имајте предвид дека соништата не секогаш се од предиктивен карактер. Некогаш сонот може да е одраз на детскиот емотивен живот, на фаза низ која детето поминува и слично. Дајте му време на детето да се изрази. Понекогаш кога му е тешко да зборува може да го нацрта тоа што го сонувало. Важно е да почувствува дека е нормално тоа што во овој период сонува почесто и памети што сонувало. Понекогаш и вие, возрасните, раскажете некој ваш сон, на тој начин ќе го поттикнете да сподели со вас – вели Скепароска-Петковска.
Соништата понекогаш може да бидат и кошмарни, а кај децата најчесто се јавуваат во периодот од три до шест години, а понекогаш траат и до десеттата година. Се појавуваат во втората половина од ноќта кога РЕМ-фазите траат подолго. Доколку се појават кошмарни соништа, најдобро е да се биде трпелив. Прво да се утеши детето, да се поразговара со него за да се почувствува сигурно и комфорно.
– Најдобро е да му објасниме дека сме тука за него. Потоа да се запрашаме дали и ние, возрасните, сме под стрес и имаме лоши соништа во овој период, па можеби истото се случува и со детето. Може да се обидете со техники за смирување, ритуали пред спиење, раскажување приказни, намалување на времето поминато пред телевизор или екран. Доколку кошмарните соништа перзистираат подолг период и по обидите за смирување и техники за релаксација, обратете се кај стручно лице – објаснува Скепароска-Петковска.
912