Логопедот Билјана Крстевска-Кокорманова објаснува како треба да се развива говорот по години и дава предлог-вежби и активности за стимулација на зборувањето и богатење на речникот, како и препорака за тоа колку најдолго детето да седи пред паметните уреди

Соочувањето на цивилизацијата со пандемијата со коронавирусот (Ковид-19) бара да го реорганизираме целокупното општествено функционирање. Говорната терапија како еден од сервисите на заедницата, без оглед дали давателот е јавна или приватна установа, не е приоритет во овие моменти и треба да биде прекината. Нејзиното прекинување на конвенционален начин, лице в лице, бара од логопедот и другите учесници во рехабилитацијата да ги насочат своите капацитети кон советодавна работа за поддршка на корисниците и нивните семејства.

Стимулација на говорно-јазичниот развој од раѓањето до дванаесеттиот месец

• Поддршка на вокализацијата пред шестиот месец
• Возвраќање на првите изговорени слогови
• Именување на активностите што ги изведуваме
• Следење и поттикнување на љубопитноста околу деветтиот месец
• Именување на предметите и активностите на кои ќе се задржи детското внимание
• Учење и примена на значењето на потврда и негација (да и не) со задолжителна доследност
• Поттикнување на самостојна активност при едноставен налог
• Стимулација со ритмички игри
• Предуслов за правилен говорен и јазичен развој е правилен акт на цицање, навремено отпочнување со стимулирање на џвакалната мускулатура при појава на првите запчиња, избегнување цуцла-лажалка и следење на правилно вдишување и издишување
• Доенчето не треба да седи пред електронски екрани.

Следење на говорно-јазичниот развој помеѓу првата и втората година

• Од дванаесеттиот до осумнаесеттиот месец детето се движи од првиот збор кон фонд од педесетина збора. Во овој период родителот поддржува и наградува именување на предмети и активности.
• Од осумнаесет месеци до втората година детето почнува да комуницира со кратка реченица. Треба да се одговара на сите поставени прашања. Заеднички да се разгледуваат и да се вртат сликовници и да се читаат и раскажуваат приказни.
• Детето и понатаму не треба да биде изложено на електронски уреди.

Искористете го престојот дома во овој период за да направите мала библиотека и читачко катче за вашето дете.

Улогата на родителот во стимулацијата на говорот и јазикот од втората до третата година

• Интензивно да се разговара со детето, да му се чита, да се стимулира да раскажува приказни, да рецитира и да поставува прашања. Во овој период можете да го вклучите во едноставни домашни активности (раскревање на играчкките).
• Еден од условите за правилен говорен и јазичен развој е правилен развој на крупната моторика, осознавањето на деловите на сопственото тело и нивниот меѓусебен однос и односот со средината. Предлог за некои игри во домашна средина.

• Детето до третата година да не се изложува на електронски уреди.

Развојот на говорот и јазикот во предучилишниот период до шестата година

• Околу третата година веќе го поттикнуваме детето да поставува едноставни прашања, а очекуваме да одговори на сложени прашања. Говорот на детето треба да има социјална компонента и да е разбирлив за средината.
• До шестата година правилно се изговараат сите гласови од мајчиниот јазик и реченицата е сложена, комплетна и граматички правилна.

Билјана Крстевска-Кокорманова, логопед

Интерактивни предлог-игри за богатење на речникот, правилно граматичко изразување и изговор на гласовите

– Што ни е потребно за мешање, наброј ми предмети од дрво, што е мазно, меко, тврдо?
– Развивање аналогија на спротивности – меко-тврдо, мазно-рапаво…
– Наведување на именување на предмети, именување на нивните делови и за што служат, разговор за професии.
– Именување на предмети по звук, мирис, вкус.
– Именување на особини на предмет и активност, детска игра на асоцијации (јас стојам и имам гранки… што сум јас… дрво).
– Погодување активност врз основа на покажување (пантомима).
– Ширење на речникот по пат на сетилата (за што ни служат дланките, што правиме со очите).
– Приказни со дополнување на првите две реченици.
– Прераскажување на нечија активност со временски редослед (пред, сега, потоа).
– Составување приказна по слики.
– Изразно читање на приказни, блиски до возраста, со употреба на доза драматизирање со цел покрај богатење на јазикот, и насочување на вниманието.

Дополнително, во овој период се стимулира и фината моторика, како и графомоториката за да се подготви детето за училиште и описменување. Активности што може да ги правите дома и истовремено ќе ги развивате креативноста и фантазијата:


Помеѓу третата и шестата година децата може да поминуваат до 30 минути пред екраните со едукативни содржини и под надзор на родител.
Децата од рана училишна возраст до десеттата година може да поминуваат и до два часа пред екраните за потребите на училиштето. Неколку предлог-активности за учење и стимулирање на креативноста на училишни деца:



По десеттата година, ако се почитуваат претходните препораки, се очекува детето самостојно да го регулира времето поминато пред екраните.

Поради состојбата во која се наоѓаме во моментот, може двократно да го зголемиме препорачаното време за престој пред екраните, но сепак да биде умерено и под надзор. Покрај физичкото, потребно е да го сочуваме и менталното здравје, како и когнитивните способности на сопствените деца.

Бидете дома и бидете здрави. Извор на релевантни информации за состојбата со коронавирусот, препораките и начинот на постапување е единствено zdravstvo.gov.mk, www.iph.mkwww.who.intvlada.mk/covid19.

Ако сепак имате потреба од консултација и совет од логопед или другите членови на нашиот тим, на располагање ви стојат вработените во ЈЗУ – Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје на следните телефонски линии секој работен ден од 8 до 16 часот: 071-217-182; 075-302-506; 072 – 306 – 884.

Автор: Билјана Крстевска-Кокорманова, логопед



912

X