Двајца мажи, едниот на 31 година, другиот 91-годишен починале од коронавирус во изминатото деноноќие, соопшти министерот за здравство Венко Филипче и им упати сочувство на семејствата на починатите. Двајцата биле хоспитализирани на Клиниката за инфектологија и фебрилни состојби во Скопје. Постариот пациент осум дена се борел со болеста, а помладиот вчера бил поставен на респираторен систем. Филипче нагласи дека утре ќе биде разрешена директорката од охридската болница каде вчера почина жена заболена од Ковид-19, се врши истрага, сите кои биле инволвирани во случајот ќе сносат одговорност.
Денеска има 16 нови случаи, вкупно во Македонија има 257 пациенти.
– На Клиниката за инфектологија во моментот имаме 49 пациенти, од кои 7 се со потешка клиничка слика, но не се на респираторен систем. Сите останати и на клиниката и кои се на домашно лекување се во стабилна состојба. Денеска почина млад човек. Вирусот не штеди, треба да сме спремни дека ни претстои и поголема бројка на заболени и на жртви. Не треба да шириме паника, но мора да се однесуваме одговорно. Тоа важи за сите, само така ќе ја добиеме оваа војна – рече Филипче.
Седум заболени пациенти веќе се негативни на тестовите. Во зависност од тоа како се одвива нивната состојба наскоро ќе бидат пуштени дома.
Филипче нагласи граѓаните да не ги стигматизираат болните, ниту луѓето во карантин. Тоа се здрави луѓе, сите се прегледани, здрави се, само чекаат да помине превентивниот период од 14 дена во карантин.
912