Застани… Застани зашто и светот застана и размисли што е она што најмногу вреди и она за кое најмногу вреди да се живее, врати се кон базичните и исконските човекови потреби, научи повторно да сакаш и да бидеш сакан, да љубиш и да те љубат…, порачува психологот м-р Адмир Б. Косоврасти. Тој сега е во Дебар, град во кој е прогласена кризна состојба
Ти се обраќам тебе, токму ти си тој што имаше многу обврски, што не можеше да постигнеш сè, што ти беа малку 24 часа, што светот и животот ти беа многу динамични и брзи, што немаше време да се видиш самиот себе, да ѕирнеш во својата внатрешност, да бидеш во контакт со себе, со твоите најблиски, што секојдневието те сомлело во трката за достигнување и престиж, давајќи му го твоето време на светот…
Е па ете светот сега забави, застана и не се движи, паднаа и големите светски сили, врати се, застани, преиспитај се кој си, што си и што сакаш, види што сега ти е најбитно и што во моментов ти е приоритет, земи ги оние 3-4 книги што си ги купил одамна, а си се правдал дека немаш време да ги прочиташ, прочитај ги сите оние текстови што си ги меморирал во нотесот, а си немал време да ги читаш зошто си бил презафатен, изиграј и биди присутен со децата и твоите најблиски бидејќи те јадеше грижата на совест зошто не си им давал доволно време, јави им се на твоите баба и дедо, вујко и чичко на твојата тетка, слушни ги…
Застани! Застани зашто и светот застана, и размисли што е она што најмногу вреди и она за кое најмногу вреди да се живее, врати се кон базичните и исконските човекови потреби, научи повторно да сакаш и да бидеш сакан, да љубиш и да те љубат…
Застани за да можат другите да те стигнат и да те видат! Коронавирусот нема вера, ниту пак нација, но ги има силата и моќта да сплотува и да обединува, сила која ние му ја дадовме.
Требаше да дојде и да нè потсети што сè имаме, а не гледавме и не се радувавме, и не се почитувавме доволно како човечки битија, ни покажа што е битно, ни покажа како да се соединиме и сакаме повеќе, ни покажа, ах, само колку бевме залутале?
Карантинот не е казна, туку е начин повторно да почнеме да живееме, но овој пат поумно и помудро. Со целата свесност за убавините што ги поседуваме и на кои сега им се радуваме, а бевме ги заборавиле.
Бидете разумни, сето ова ќе помине, правете работи со своите најблиски и надоместете за целото пропуштено време. И запомнете дека животот, вербата и љубовта се најбитни, сè друго е споредно и небитно.
912