Погрешна е перцепцијата дека децата се поотпорни на инфекција. Всушност, децата еднакво се подложни на инфекција со вирусот, но кај нив или нема да има симптоми или тие ќе бидат лесни
Што значи контакт со инфицирано лице и при каков контакт се пренесува вирусот? Ова е едно од најчесто поставуваните прашања откако и во земјава беа регистрирани заболени од Ковид-19, а коронавирусот почна да се шири. Проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог, раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика, објаснува што значи близок контакт, дали има рецепти за да се зголеми имунитетот и така да се намали ризикот од разболување…
– За близок контакт се смета: поминување повеќе од 15 минути лице в лице со инфицирано лице; живеење во ист дом со инфицирано лице. Овој вирус (САРС-КоВ-2) се пренесува преку капков пат и преку уста, со помош на контаминирани раце, предмети (со назофарингеален секрет или измет) – вели професорот.
Никакви рецепти или терапии не помагаат за значајно јакнење на имунитетот. Природно, најсилен имунитет имаат децата од околу 10-12 години, па се одржува некое плато до средни години и потоа опаѓа
Од инфицирано лице во идентична опасност се деца, луѓе во средна возраст и возрасни лица.
– Да, чувствителноста на овој вирус е општа. Погрешна е перцепцијата дека децата се поотпорни на инфекција. Всушност, децата еднакво се подложни на инфекција со вирусот, но кај нив или нема да има воопшто симптоми или тие ќе бидат лесни – објаснува проф. Даниловски.
Проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог
На социјалните мрежи кружат рецепти и терапија според кои, наводно, може да се зголеми имунитетот и на децата и на возрасните за да се намали ризикот од инфекција со коронавирус. Под некои од рецептите се потпишани и лекари.
– Никакви рецепти или терапии не помагаат за значајно јакнење на имунитетот. Природно, најсилен имунитет имаат децата од околу 10-12 години, па се одржува некое плато до средни години и потоа опаѓа. Оттаму постарите лица имаат и потешка клиничка слика, ако заболат. Секако, тука спаѓаат и лица со компромитиран имунолошки систем поради одредени заболувања или земање имуносупресивни лекови – вели професорот.
Што доколку сме биле во контакт со лице за кое се сомневаме дека е инфицирано или знаеме дека е инфицирано. Што треба веднаш да преземеме?
– Изолирајте се веднаш од други луѓе! Тоа значи, појдете во некоја посебна, добро вентилирана просторија, останете сами. Имајте со себе и телефон. Јавете се на еден од телефоните на центрите за јавно здравје или Институтот за јавно здравје. Почекајте да дојде медицинска екипа со епидемиолог, а потоа ќе бидете замолени да останете во домашна самоизолација во тек на 14 дена – додава проф. Даниловски.
Заразноста е најизразена по завршувањето на инкубацијата (кога по заразување се размножува во организмот), во текот на манифестниот клинички стадиум на болеста. Заразноста е присутна и ако по инкубацијата воопшто не се појават симптоми (т.н. асимптоматски случаи).
912