На ова искрено момче предизвик му е математиката, а еден ден сака да стане програмер. Училишните лекции ги совладува брзо, па со мајка му Александра Стојановска мораат сами да наоѓаат соодветни предизвици за него. Во земјава нема посебна програма за надарени деца

Колку од нас, напамет, за кусо време можат да ги помножат броевите 876 и 9? Повеќето нема да успеат да ја решат задачата или ќе им треба многу време. Но таа воопшто не е проблем за десетгодишниот Лука Рајхл од Скопје. Буквите ги знае од две години, а чита и смета уште пред да наполни три. На надареното искрено и мило момче математиката му е предизвик, а еден ден сака да стане програмер. Училишните лекции ги совладува брзо, па со мајка му Александра Стојановска мораат сами да наоѓаат соодветни предизвици за него. Во земјава нема посебна програма за надарени деца, тие се запоставени, па родителите сами се снаоѓаат околу нивната адаптација и развој.

Предизвиците – возбуда

Лука е петто одделение. Беше и возбуден и малку збунет кога го посетивме оти „не знаел што ќе го прашуваат новинарите“. Сепак, со задоволство ни ја покажа собата, ни раскажа за омилените занимации, т.е. за дел од омилените зашто за компјутерот има ограничено време во текот на денот. Мама Александра се плаши дека претерува, па погледнува на часовникот кога ќе седне. Јутјубер е и има свој канал на јутјуб-мрежата. Сака да чита, ужива во авантуристички книги, а раскажува живописно, со богат речник. Вели дека колку и да го плашат предизвиците, им пристапува смирено, па така полека стануваат возбудливи за решавање.

Без проблем ни ги презентира и математичките вештини. Не му требаа пенкало и хартија, ниту дигитрон. Сметаше замижувајќи.

Велосипеди, брканици, скијање и симпатии

Најдобар другар му е Александар Славков. Се запознале на училиште. Знаат да поиграат на телефоните, возат велосипеди, бројат голови во фудбал, а не забораваат ни на брканица ни на криенка. Со другарчињата од школо и од маало заедно го шетаат и миленичето на сите, кутрето Фреди, кое ужива во вниманието. Омилено јадење на сите им е пица.

Сака да го гледа ТВ-каналот „Da Vinci learning“, а еден од омилените пејачи му е Бруно Марс. Скија веќе пет години.

– Интересно е, учиш нови трикови, возиш на сѐ поголеми патеки… – вели Лука.
Веќе подолго време има симпатија и, раскажува тој, таа знае за тоа.

– Знае дека ми е симпатија. Се охрабрив и ѝ кажав. Ѝ реков: „Ми се допаѓаш“. И таа ми кажа дека и јас ѝ се допаѓам – се опушта во разговорот и се смее подзамижувајќи со косите очиња.

Уживам во сметањето

Лука е среќно дете.
– Среќен сум со мајка ми, со другарчињата. Си ги сакам. Убаво ми е кога се дружиме – вели тој.
Има многу награди, а се чини најголем предизвик му се натпреварите во програмата „Брејн`О`Брејн“, каде што е осмо ниво.

– Сакам да бидам програмер и сакам мајка ми да ме пушти на курсеви за тоа. Сакам да правам игри и апликации поврзани со математика. Многу ја сакам математиката. Многу е интересна. Не се плашам од предизвици, од големи цифри. Уживам во сметањето, не ме фаќа паника – вели Лука.
Александра раскажува дека Лука почнал да смета пред три години.

– Се возевме во автомобил и тој забележал ситни пари, монети, петденарка и дваденарка. Ги собрал и ни кажа колку има. Потоа почна да смета колку кусур треба да добиеме, па им додаваше нули на едноцифрените броеви и решаваше сѐ посложени задачи, кои сам си ги задаваше. И кога ќе го прашавме како пресметува, како си ги претставува во главата, не можеше да ни објасни – вели Александра.

Лука почнал да зборува уште пред да наполни една година и оттогаш, вели Александра, не престанал да зборува.
– Дури игравме и игра кој прв ќе прозбори губи, за да одморам, да си помолчиме малку – се смее.

Детето ви ги знае сите букви

Вели дека никогаш не го форсирала и единствено на што настојувала е да го засака читањето убави книги.
– Имаше нецели две години, тогаш работев како стјуардеса. Појдов на работа да земам неделен план и го поведов со мене. Додека да завршам работа, тој му се приближи на еден од пилотите што читаше неделник. Доаѓаат заедно, а човекот вчудовиден вели: „Знаете ли дека вашето дете ги знае сите букви“ – раскажува.

Набргу потоа ги читал броевите од регистрациите на автомобилите, а со Данче, жената што го чувала, научил и да ги поврзува буквите и течно да чита.
– Имаше три години, седевме во ресторан. Ја прочитал годината од шишето пиво и ни кажа колку години поминале оттогаш досега. Сам научил да пресметува преку броење парички. И јас и татко му сме добри математичари, можеби станува збор за ген, не знам… – раскажува Александра.

Запоставени надарените деца

Таа вели дека детето нема предизвик во училиште и дека ѝ објасниле дека кај нас нема образовна програма за надарени деца.

– Ми предложија во школо да скокне одделение, но убедена сум дека тоа не е добро решение. За жал, кај нас кога станува збор за надарени деца, сѐ се остава на родителот. Мене, како родител, ми е битно детето да е среќно. Нормално, важни се наградите за неговата иднина, но не сакам да го форсирам, сакам да има нормално детство. Сметам дека е многу важна и емоционалната интелигенција. Меѓутоа, доколку има програма за надарени деца, секако дека би се одлучиле за неа. Вака се снаоѓаме сами, бараме предизвици – вели мајката.

Надарените деца, раскажува таа, се запоставени до степен да мора да им се кажува на многу од наставниците дека има некој натпревар за да ги пратат.
– Им кажувам дека има натпревари за да го пријават. Не се доволно информирани. Порано ме фрустрираше сето ова, но сега се помирив со работите. Инаку, Лука би го поддржала во сите одлуки, нормално, ако се разумни. Само ако може да не е пилот. Татко му е пилот, а јас бев стјуардеса, ризична професија – се смее Александра.

Надарените и талентирани деца немаат можност да работат по специјална програма, да учат од поинакви учебници, со ментори кои будно ќе следат како напредуваат, во кој правец се движат интересите на секој поединечно. Истовремено не постои ни податок колку надарени, а колку талентирани деца седат во училишните клупи во Македонија, иако многу од нив можат да прераснат во вистински гении.



912

X