Воспитување

Текстови од кои се чувствувате како лош родител

Интернетот ни овозможи денес секој да може да пишува за сè, а колку нечиј текст ќе биде популарен (а со самото тоа и колкава шанса ќе има некоја мајка да го види и прочита) не зависи воопшто од стручноста и компетентноста на личноста што го пишува текстот. Зависи, верувале или не, само од тоа колку вешто личноста умее да ги возбуди чувствата на читателите и колкава дарба за пишување има. Од заводливоста на пишувањето ќе зависи и читаноста на текстот.

Така, најпопуларните текстови за родителството што кружат на интернет не ги напишале ниту педагози, ниту психолози, ниту педијатри, туку мајки со остар јазик кои се вешти да погодат во најболната точка. Ова не би било ниту малку проблематично кога тие мајки би пишувале за тоа како знаат колку е понекогаш тешко да се биде родител, кога би ги споделувале своите искуства и би ги охрабрувале другите мајки. Кога по читањето на нивните текстови би се чувствувале добро, прифатено, како да ве разбрале и ви рекле дека сè е во ред, дека сте добри мајки и дека вашите деца се среќни што ве имаат за родител.

Но, не. Текстовите што се најпопуларни се оние што им угодуваат на мајките кои мислат како и авторот, а сите други ги ставаат во кош со бесчувствителни и лоши родители чии деца, оние, авторите на текстовите, искрено ги жалат и би сакале да ги спасат. Без разлика дали е тема удирање на детето по рака кога ги става рацете во штекер, желбата на родителот детето да спие во сопствениот кревет, а не со нив, забранување слатки, забранување или забавување на малото дете со мобилен телефон, читање бајки пред спиење или нечитање, носење на бебето в раце додека сопругот турка празна количка, практично која било родителска недоумица да е во прашање, овие текстови како последица го носат чувството дека сме најлоши родители на светот затоа што мислиме различно од мајката што го пишува текстот.

Неодамна прочитав текст за споменатото носење на бебето в раце додека сопругот турка празна количка и тоа ме инспирира да го напишам овој текст. Авторката многу вешто и емотивно претставила како таа мисли дека се чувствува бебето, кое мајката го оставила да плаче во количката бидејќи не сака да „го научи да седи в раце“.

Претстави еден суров свет кој бебето го гледа и прекрасен свет кој го доживува нејзиното бебе додека таа го носи, а сопругот ја турка количката. Верувам дека мотивот за тој текст бил искрен и добронамерен, но ефектот што го постигна е јас, а верувам и многу други мајки, да се чувствувам многу лошо по читањето на текстот. Јас имам две бебиња во колички за близнаци и кога едно од нив, или двете плачат, јас не можам да извадам едно од нив и да го носам в рака, а со другата рака да ја туркам количката. А некои мајки немаат со себе сопрузи или баби да им ја туркаат количката додека тие в раце го носат расплаканото бебе. Јас сум психолог и знам колку многу, многу работи се потребни да се случат и поклопат за детето да порасне во несреќна личност и колку едно носење или неносење нема никако да влијае врз тоа. Сè ми е познато, а сепак се почувствував како лоша мајка. Бидејќи авторката има многу голема дарба за пишување и умее да го претстави тоа на начин на кој срцето ќе те заболи.

Тоа е проблемот кога читате текстови што ги напишале мајки со талент за пишување. Заборавате да се браните себеси. Заведени сте од нечии навидум добронамерни зборови. На крајот сте полудени, со чувство на вина, не знаете дали смеете веќе да ѝ верувате на својата процена и имате впечаток дека сте лош родител (или барем не сте толку добар како мајката што го пишува текстот).

Има и многу мои колеги, психолози, кои еднакво ја злоупотребуваат својата стручност за да ги засрамат другите родители. Но, тоа е друга тема. Вистинскиот експерт, барем јас како што гледам на тоа, никогаш нема да засрамува. Вистинскиот експерт ќе направи да се чувствувате добро по неговиот текст, охрабрено, по неговата работилница или предавање да заминете задоволни што сте усвоиле ново знаење, што сте научиле некои нови техники како да постапувате со детето и сте добиле нови идеи. Вистинскиот експерт нема желба да казни или засрами, туку да охрабри и подучи.

Ако ве болат текстовите или школите на мислења (сега се популарни различни школи за родителство), кои говорат различно од она во кое вие верувате, застанете. Немојте веднаш да се прекорите себеси. Научете да се браните. Научете да размислите за мотивите на тие лица што пишуваат. Ако по нечиј текст се чувствувате како отпад, знајте дека тоа не е добронамерен текст и тоа не е автор кој мисли на чувствата на луѓето што читаат.

Мојот сопруг има одличен начин на размислување кога ќе прочита такво нешто. Тој, ако се почувствува лошо, го бара виновникот за тоа. Не верува веднаш дека е самиот виновен, како што често правам јас. Тој вели дека тоа му останало од времето кога работел во војска, таа максима што често ми ја цитира: „Кога имаш некој проблем, најди ја причината за тој проблем, а потоа сотри го!“ Поентата е дека нему не би му требало цело попладне да размислува и да чувствува вина, како што ми требаше мене, за да сфати дека проблемот не е во неговиот начин на родителство, туку во вештината на авторот на таквите текстови за играње со чувствата на родителите.

Научете се да се браните себеси!

Автор: Желјка Курјачки Станиќ, психотерапевт

Поврзани написи

To top