И покрај искрените добри намери, родителите многу често прават грешки

Кога се работи за здравјето на децата, родителите имаат мал милион прашања, сакаат сè да знаат, сакаат сами да можат да се снајдат во секоја ситуација. Но, и покрај искрените добри намери, многу често прават грешки. Некои премногу паничат, други бараат лек на социјалните мрежи, избираат педијатар според пријателство, се потпираат на туѓо искуство и што уште не. И во сите тие приказни многу често или го нема вистинскиот лекар или наместо за лекување, родителите го користат за заплашување на децата.
За овие и другите „мали“ прашања од родителите, одговор и совети побаравме од д-р Катерина Обочки, педијатар-пулмоалерголог.

Д-р Катерина Обочки

1. Децата почесто посетуваат лекар отколку возрасните. Секое дете под шест месеци за каков било проблем треба да се однесе на педијатар за консултации.
Секогаш за првото дете трчаме, за второто веќе имаме искуство кога и како да го однесеме. Повеќето родители да не ги носат своите деца на возраст од 13-14 години на педијатар ако имаат температура која не е многу висока.

2. Не треба да се даваат антибиотици на своја рака или други лекови што се издаваат само со рецепт од лекар. Може да се дадат само лекови за температура пред да се посети педијатар или, пак, дијазепам во случај детето да добие грчеви. Ако не сте сигурни и немате никакво претходно искуство, веднаш посетете лекар. За да се даде антибиотик или друга терапија, потребни се претходни прегледи, крвни анализи, но и тоа зависи од симптоматологијата и дијагнозата.

3. Алтернативната медицина не ја практикувам. Сепак, тоа е субјективно, зависно од воспитувањето на родителот. Со алтернативна медицина треба да се занимава лекар, да се надгради во областа на ваквиот вид медицина. Повеќето лекови што се даваат во алтернативна медицина се оригиналните лекови што ние ги користиме, меѓутоа, нема активна хемиска супстанција, туку го има само растителниот дел од лекот. Ако не си лекар, честопати можеш според некои симптоми сам да поставиш дијагноза и таа да биде погрешна. Јас им помагам на моите пациенти што сакаат да употребуваат хомеопатија, но им давам насоки. Ако хомеопати се доктори на медицина, хомеопатијата со сигурност би заживеала како наука, но не и ако ја практикува лаик кој не ја познава медицината.

4. Не може родителите да се потпираат на совети од групи на социјалните мрежи затоа што сите деца се различно болни. По таквите групи има коментари од типот: „Овој лекар не ми е достапен“, „за овој лекар сум чула ова“… Не го оправдувам воопшто постоењето на такво нешто. На пример, 90% од моите пациенти не се членови на такви групи.
5. Мајки, педијатрите треба најмногу да ве слушаат вас. Јас секогаш ја слушам мајката и секој нејзин збор. На секој преглед барам мајка. Ако не е тука, се слушаме по телефон. Како мајката што си го чувствува детето, никој на светот не може да го има тоа чувство.

6. Не менувајте го често педијатарот. Ако детето оди кај истиот педијатар, се развива доверба, се намалува стравот, што е многу нормален во таа возраст. Па кој не се плаши од лекар и од боцкање?

7. Плашењето на децата со лекар е грешка на целокупниот систем. Ние, педијатрите, не треба да сме облечени во бело. Никаде во светот ниту еден педијатар не е облечен во бел мантил. Таму работат во цивил за детето да се чувствува посигурно. Нормално дека секое дете се плаши од институција, се плаши од школо, од градинка, а најмногу од лекар.



912

X