Се отпишувам од возрасните и се запишувам кај децата

Некој пред еден месец да ме прашаше на чија сум страна, ќе му кажев дека за страна не смеам да знам. Работам со деца, а меѓу децата страни не постојат. Ги учиме од мали дека се еднакви, дека сите се исти, дека сите имаат еднакви права, но ги учиме и да ги бранат своите права. Иако тоа никогаш не сум го рекла наглас, јас некако секогаш, на крајот на краиштата, сум на нивна страна. Да не се лажеме, некогаш сум лута на таа нивна, детска страна, и тоа многу често. Лута поради пубертетот кој никако да го совладаат, поради лошите оценки, поради некои бегања од час…

А тогаш и не изгледам баш како да сум на нивната страна. Ги карам, ги предупредувам, им ги објаснувам последиците од нивната неодговорност, им држам предавања, а тие превртуваат со очите и едвај чекаат да престанам да зборувам. И така, не се сакаме неколку дена, но тоа брзо поминува. Ним брзо, мене уште побрзо. Тоа се деца, што можат децата толку страшно да направат?

Да скршат прозорец.

Да ја потврдат единицата.

Да се расправаат со родителите.

Да ги мразат наставниците.

Да препишуваат на тест.

Да побегнат од час.

Тоа биле детските проблеми секогаш и би требало така и да остане. Но, за жал, детските проблеми не се веќе толку банални. Знаете, може да се случи дете да скрши прозорец, но не и возрасна личност да скрши соништа. Можно е детето некогаш во своето образование да ја потврди единицата, но возрасните да ги потврдуваат своите грешки секојдневно, дали е во ред? Може да се очекува децата да имаат кавга со родителите, но не и родителите да кренат раце од своите деца.

Да се мрази наставникот е дел од растењето, но да се мразат децата е нечуено. Да се препише на тест кога си дете е лекција за чест, да се препишува кога си возрасен е пат кон самоуништување на достоинството. Да се побегне од час е мангупски кога си дете, но да се побегне од одговорност кога си возрасен е плашливост.

Затоа јас избрав страна. Јас сум на детската страна, па што и да направат тие не е ни блиску до она што го прават возрасните. Знаете, мене денес ми е срам. Срам што се нарекувам возрасна личност.

„Се отпишувам“ од возрасните и „се запишувам“ кај ДЕЦАТА.

Бидејќи од вакви возрасни се срамам. Мене ми срам поради нивниот срам, мене ми е срам што тие немаат срам, мене ми е лошо од нивното зло.

Автор: Селма Кариќ, професорка во Босна и Херцеговина

 



912

X