Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има една и пол година. Веќе еден месец оди во градинка. Откако тргна, како да има страв да се одвои од татко ѝ. Тој ја зема и ја носи во градинка, но кога ќе ја донесе дома или кога ќе ја оставиме на чување, постојано го бара. Ова не беше случај претходно бидејќи јас ја чував додека тргна во градинка. Додека е во градинка е супер, не плаче по него или слично, но потоа е друга приказна. Како да постапиме? Се обидуваме да ја заиграме и да ѝ ја оттргнеме мислата од татко ѝ. Мислиме дека тоа што тој ја зема и ја враќа од градинка има влијание.

Нема проблем со седење во градинка, но овој проблем мислам дека има корени од почетокот кога тргна во градинка, кога беше во процес на адаптација, а татко ѝ беше ангажиран околу нејзиното носење/земање. Пред тргнување во градинка ова не се случуваше.

Прашува: Мими

ОДГОВОР: Драга мајка, за децата во овој период најважно е да го обезбедите чувството на сигурност кое му создава комфорна зона која го штити од секојдневен стрес, како што на пример е адаптацијата во градинка. Во овој случај мислам дека не треба да ѝ ја одвлекувате мислата од татко ѝ бидејќи така се спротивставувате на нејзините потреби.

Христина Стефановска, лиценциран психолог

Татковците се сепак херои за своите ќерки. Оставете таа да го види својот херој и да изгради стабилна слика од него. Татковците се спасувачите и во нив ќерките ја гледаат удобноста и заштитата, така што нема ништо лошо во тоа таа да е приврзана со татко ѝ. Во тој контекст советот би сакала да го насочам и кон татко ѝ: Драг татко, бидете возрасна личност која влева сигурност и создава стабилност и топлина во својот дом. Никогаш немојте да ја потцените значајната улога што ја имате како родител, вашиот придонес е неопходен во воспитувањето на вашата ќерка и создавање стабилна и силна жена. На девојчињата им е многу важно да ги воспитува некој што многу ги сака, да бидат дел од семејство полно со љубов и хармонија, да имаат родители кои имаат јасна визија за тоа каква млада жена би сакале да изградат од неа, им треба многу топлина и забава, но и рутина и активност, т.е. обврски. Раната интеракција е најважна. Сè додека има гушкање, држење за рака или друго невербално однесување полно со љубов, основата за добро детство е поставена.

Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X