Процесот на креирање уметност го стимулира когнитивниот и емоционалниот развој, овозможува врски и води кон намалување на деструктивното однесување, вели проф. д-р Владимир Трајковски

Работилници за деца со различен спектар на попречености, различна возраст, специфики, социјален статус, пол, посебни потреби, во изминатите две години беа организирани во Националната галерија на Македонија. Целта беше преку ликовната уметност да се овозможи социјална инклузија, преку вклучување врсници од редовната настава. Проектот наречен „Уметност за сите“ беше финансиран од холандската амбасада во земјава како пример за грижа за различностите и потребите на маргинализираните групи.

По повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, утре напладне во Чифте амам, во Старата скопска чаршија, ќе биде отворена изложбата „Јас и ти, едно сме“, последната од проектот „Уметност за сите“.

Според проф. д-р Владимир Трајковски од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет во Скопје, арт-терапијата кај децата со посебни образовни потреби придонесува за позитивни промени во нивното социјално однесување и нивниот фокус на внимание.

– Арт-терапијата кај децата со аутизам може да биде ефективна при долготраен третман во групи или индивидуално бидејќи процесот на креирање уметност го стимулира когнитивниот и емоционалниот развој, овозможува врски и води кон намалување на деструктивното однесување. Проектот „Уметност за сите“ целосно ги оправда зацртаните цели и задачи што беа поставени од проектниот тим. Сите четири проекти беа мошне посетени, децата беа радосни од нивните дела, што секако води кон нивна поголема самодоверба. Ова треба да биде одличен стимул и други организации да се вклучат во културолошката инклузија на лицата со попреченост во нашата земја – вели Трајковски.

Корисни, хумани проекти

Координатор на ликовно-едукативниот проект беше Маја Димитрова од Националната галерија. Од него произлегоа работилниците „Од мој агол“, „Дај му форма на животот“, „Пролет, лето, есен, зима… и повторно пролет“ и последниот „Јас и ти, едно сме“. Според реномираниот ликовен уметник Беди Ибрахим, професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, овие проекти се благородни и повеќе од потребни и би им помогнале на овие деца да се интегрираат во секојдневниот живот.

– Овие корисни, хумани и професионално организирани проекти ни овозможуваат да учествуваме, да бидеме дел од нив и да придонесуваме за радоста на заедничкото дружење и креирање со децата со посебни потреби кои, за жал, многу често се заборавени од општеството – вели Ибрахим.

Д-р Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија, објаснува дека проектот го реализирале во четири циклуси од по три месеци, заокружувајќи го со последната работилница под наслов „Јас и ти, едно сме“.
– Општествената одговорност на галеријата ја практикуваме низ проекти со социјално-културолошки инклузивен пристап кон лицата со попреченост и хендикеп. Оттука, овој проект е предвесник на Националната стратегија за развој на културата во земјата до 2022 година и е пример за грижата кон различностите, потребите на посебните, ранливите и маргинализираните групи во општеството, нивните културни планови и потреби – објаснува Старова-Ќерими.

Во Македонија има 200.000 жители со отстапки во развојот

Институтот за јавно здравје објави дека Обединетите нации во 1992 година го промовираа Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Целта на овој ден е да се поттикне подобро разбирање за луѓето со хендикеп, да се поттикнат луѓето да станат посвесни за правата, достоинството и благосостојбата на лицата со посебни потреби, да се подигне свеста за придобивките од интегрирањето на лицата со посебни потреби во секој аспект на животот и општеството. Темата на годинашниот светски ден е „Трансформација кон одржливо и приспособливо општество за сите“.

Според Светската здравствена организација, се проценува дека околу една милијарда луѓе живеат со некаква форма на попреченост. Ова одговара на околу 15% од светското население. Помеѓу 110 милиони (2,2%) и 190 милиони (3,8%) лица на возраст од 15 години имаат значителни тешкотии во функционирањето. Стапката на попреченост, делумно, се зголемува поради стареењето на населението и зголемувањето на хроничните здравствени состојби.

– Се проценува дека во Македонија 10% или околу 200.000 жители се лица со посебни потреби. Демократските правци во светот, кои се сè поизразени, мошне позитивно се рефлектираат врз лицата со посебни потреби, што е уочливо преку многубројните заложби како што се: рамноправност, интеграција, модернизација, перманентност на образованието и друго – велат од Институтот.



912

X