„Насилството може да се спореди со ледениот брег – со тоа што видливиот дел е многу помал од невидливиот дел на ледот”, Јохан Галтунг
Постојат повеќе видови насилство: физичко и психичко насилство, кои можат да се манифестираат во семејно насилство, родово базирано (насилство врз жените), сексуално, економско, меѓуврсничко и други. Како училиштен психолог постојано сум во контакт со млади на возраст од 15 до 19 години кои се жртви на видливо и невидливо насилство.
Насилството најчесто потекнува од семејството. Вулканот еруптира во семејството, а потоа лавата може да се шири помеѓу пријателите, соучениците, партнерите во емотивните врски, колегите на работа и во други односи.
Односите во семејството се клучни за детето да стане зрела и емотивно стабилна личност која со проблемите во животот ќе се справува без насилно однесување. На детето му се потребни љубов и сигурност. Кога учи од модел во семејство во кое има семејно насилство (психичко или физичко), при градење односи со друга личност ќе има потенцијал да биде несигурно во себе, агресивно и анксиозно, бидејќи насилството било единствениот начин на кој тоа научило како се решаваат проблемите помеѓу возрасните. Овие деца имаат тенденција да избегнуваат емоционална поврзаност или, пак, имаат интензивна потреба за постојана зависност од другите.
Кога детето расте во хармонична средина исполнета со разбирање и прифаќање на неговите чувства, тоа знае дека може да го истражува светот со отворени раце, а зад него ќе знае дека има сигурен столб на кој може секогаш да се потпре.
Кога децата рано во животот го развиваат позитивниот став, позитивното размислување може да стане навика која би ги олеснила притисоците во возрасниот период. Не е можно целосно да се контролираат животните случувања, но може да се контролира реакцијата на тоа што се случува.
Постојат и други фактори што можат да бидат причина за појава на насилство кај младите: немање надзор врз децата, развод, особено кога детето е во критична возраст (на пример, пубертет), низок социо-економски статус во семејството и сл.
Не сите форми на насилство се манифестираат на ист начин. Постојат видливи и невидливи форми на насилство.
– Видливото насилство се појавува кога едно или повеќе лица нанесуваат физички, вербални и/или психолошки повреди врз други луѓе. Тука спаѓа секое дејство на примена на физичка сила со кое може да се наруши здравјето на жртвата и секое дејство што предизвикува чувство на загрозеност, вознемиреност и страв кај жртвата. Насилството кај младите им прави штета не само на жртвите туку и на нивните семејства.
Ивона Пауновски
– Невидливото насилство се „мали работи“ што возрасните секојдневно им ги прават на децата затоа што тие се „премногу зафатени“. На пример, кога возрасните немаат време да ги слушаат и ценат мислите и чувствата на детето, детето учи да не се слуша себеси, ги отежнува или не ги исполнува сопствените задоволства што конкретно се манифестира со негирање на своите потреби и се уништува нивниот систем на внатрешна комуникација. Невидливото насилство често знае да биде многу подмолно за разлика од видливото насилство.
Секојдневното искуство покажува дека активната вклученост на родителите во развојот на децата има позитивно влијание врз севкупниот развој. Доколку детето покажува насилно однесување, секогаш е пожелно промените да започнат од односот помеѓу родителите, односно родителите да се обратат кај стручно лице. Не сите родители се трудат да му овозможат здрав психолошки развој на детето и сето тоа поради сопствена несигурност, минати животни фрустрации, работни обврски и други лични и семејни проблеми. Но, многу е важно родителите да станат свесни дека проблемот кај детето често потекнува од нив и да работат на него со цел да ги поправат грешките. Секоја личност има потенцијал да се промени и да создаде подобар дом за живеење.
Од посебно значење е и раниот третман од стручно лице бидејќи може да биде многу корисен за да се намали насилното однесување. Многу е важно стручното лице што работи со деца да биде трпеливо бидејќи децата често имаат проблем да го препознаат и споделат проблемот.
Главните цели на работата на стручните лица со децата и младите е да се научат да го контролираат гневот или да го искажат гневот на адекватен начин, да научат да прифатат одговорност за сопственото однесување и да ги прифатат последиците од сопственото однесување.
Детето ќе биде среќно ако слушне ,,те сакам“, иако го знае тоа. Кажувајте им убави зборови, гушкајте ги и бакнувајте ги вашите деца. Тие се најголемото богатство на светот, па што е поважно од нивната среќа?
Автор: Ивона Пауновски, лиценциран психолог при Комора на психолози
Текстот е подготвен во рамките на програмата на Денови на психологија 2019: Ајде да зборуваме за видливото и НЕвидливото насилство.
Деца.мк е поддржувач на Денови на психологијата 2019, организирани од Комора на психолози.
912