м-р Алисија Колевска, развоен психолог

м-р Алисија Колевска, развоен психолог

Wellbeing - Blog and Online Counseling
веб-страница: www.wellbeing.mk
е-пошта: wellbeing.alisija@gmail.com

Повеќе од авторот

Родителите со личен пример ги учат децата на позитивните емоции

Психологот Барбара Фредриксон во своите истражувања има откриено листа со 10 позитивни емоции. Според неа, позитивните емоции имаат голема улога во проширувањето и градењето на личните психички ресурси и капацитети за развој. Таа утврдила десет позитивни емоции кои треба секојдневно да ги култивираме. Родителите со личен пример ги учат децата на нив.

Благодарност – Се радуваме кога ќе ни се случи нешто добро, но да се биде благодарен, значи ценење на фактот дека сме доволно среќни што ја имаме таа придобивка. Кога се чувствуваме благодарно, стануваме покреативни, пољубезни, поприземјени и позадоволни од нашиот живот.

Спокојност – Тоа е чувството кога немаме грижи и живееме во сегашниот момент. Многу е важно да се посветиме на оваа емоција бидејќи голем дел од времето, дури и кога нештата се одвиваат во најдобар ред, ние се фиксираме на минатото или почнуваме да се грижиме за иднината.

Заинтересираност – Се работи за моќна емоција бидејќи нашиот интерес или љубопитство нè насочува кон учење нови работи, кои пак ни отвораат можност да откриеме или да создадеме нови околности за личен раст и развој.

Страхопочит – Всушност, доколку повеќе забавуваме и застануваме, би сфатиле дека секој момент од животот е извор на страхопочит бидејќи ние постоиме во рамките на големината на овој универзум. Чувствувајќи го присуството на ова творештво со голем размер, инспирирани сме повеќе да истражуваме, поврзувајќи се со детското чувство за чудење, каде што магијата и учењето никогаш не завршуваат.

Гордост – Гордоста е општествено вреднување на нашите и туѓите постигнувања. Позитивноста на оваа емоција лежи во нејзиниот поттик за сонување и поместување на границите за постигнување на целите. Да се има гордост е неопходно бидејќи сите сме единствени на свој начин. Гордоста ни помага да ги препознаеме своите способности и да ги пренесеме на следното ниво.

Надеж – Таа е можеби најсилната позитивна емоција бидејќи се појавува тогаш кога околностите се најмалку поволни. Кога сме најмногу изгубени и скршени, надежта е таа што нè одржува во живот. Оваа емоција треба континуирано да ја негуваме во себе бидејќи нè поттикнува да веруваме дека утре ќе биде подобро од денес.

Љубов – Веројатно најкомплексната емоција, а истовремено и најубавата. Таа е можеби најчестата позитивна емоција што се доживува помеѓу луѓето, не само кај паровите, туку и во сите блиски односи. Позитивната психологија сугерира дека доживувањето чувство на љубов кон сите нѐ прави ментално посилни.

Забавување – Сите знаеме дека луѓето стануваат премногу сериозни за да ги постигнат своите цели. Забавувањето е емоција која ни носи светлина. Без разлика дали тоа е преку хумор, комедија или смеење со пријателите, ова е исклучително важна емоција која е неопходно да се одржува секој ден. Позитивната психологија посочува дека луѓето што се весели повеќе се фокусираат на позитивните работи во својот живот.

Инспирација – Инспирацијата е сила која нè стимулира да направиме нешто значајно или исклучително. Тоа е голема емоција што може да се негува во секојдневниот живот бидејќи сè што е околу нас е инспиративно, доколку го бараме. Ако можеме да го почувствуваме тоа, ни носи огромна флексибилност, моќ и надеж.

Радост – Чувствуваме радост кога ќе имаме подобри резултати отколку што сме очекувале, или сме се почувствувале побезбедни и повеќе ценети. Радоста придонесува да сме поигриви, а тоа пак нè поттикнува да сме поотворени и да почнеме да истражуваме. Радоста е оптимистички позитивна емоција.
Разбирањето на вистинската важност на позитивните емоции ќе ја зголеми нашата свесност за преземање контрола во збогатувањето на нашиот психички репертоар на мислење и дејствување.



912

X