Која е придобивката од семејниот оброк и причините зошто експертите велат дека тоа е едно од најмоќните средства што родителите треба да ги користат за да формираат здрави, среќни и успешни деца?

Моќта на заедничките семејни оброци

Сите ја сакаме идејата за семејни вечери со разговор за поминатиот ден. Меѓутоа, со денешните густи распореди, тешко е да се најде време за тоа. Еве за што се работи: семејните вечери не се само добар бонус кога имате време – тие се многу важни за детскиот развој и идниот училиштен успех.
Отсекогаш сум верувала дека редовниот оброк со целото семејство е една од најважните активности за децата. Се заклучува дека експертите се согласуваат – семејната вечера е, всушност, силен показател за идниот успех и во училиштето и на работното место.

Пет придобивки од семејната вечера

Со густите распореди и воннаставните активности може да биде тешко да се најде време да се седне и да се вечера заедно. Да, семејната вечера е многу важна за вашето дете и не може да се замени со ниту една активност што ќе ја има истата вредност. Кога зборувам за семејна вечера, зборувам специфично за вечера каде што не само што се присутни сите членови на семејството, туку и целата технологија е тргната настрана и телевизорот е исклучен. Вечерите се време за јадење и разговор, а разговорот е од пресудно значење! Семејните оброци имаат влијание врз сите сетила: мирис, вкус, допир, слух и вид. Ова се моќни работи – голема можност за значајно влијание на животот на своето дете!

1. Семејните вечери го прошируваат детскиот вокабулар

Баш како и читањето наглас на бебињата и децата, така и семејните вечери помагаат во збогатувањето на нивниот вокабулар. Преку разговорите во текот на јадењето децата се изложени на разновиден јазик, повеќе од каде било на друго место.

Никогаш не е прерано за почеток! Експертите велат дека вклучувањето на најмладите членови на семејството во вакви разговори носи многу придобивки и дека обраќањето на бебињата како да се возрасни има големо влијание врз интелигенцијата.

2. Оброкот со семејството им помага на децата да бидат подобри на тестовите

Докажано е дека оброкот со семејството може да прогнозира успех во образованието во иднина. Разговорот со децата во текот на вечерата ќе им даде предност во училиштето каква што не би можеле да стекнат на друг начин.

Студија од Универзитетот на Илиноис покажала дека основците што често јаделе со семејството подобро поминувале на стандардизираните тестови.

Научниците откриле дека децата имаат најголема придобивка од вечерите со семејството кога се случуваат барем четирипати неделно.

Со работата, училиштето и воннаставните активности можно е да изгледа невозможно вечерата да се подготвува секоја вечер. Сепак, би биле изненадени што сè можете да направите за помалку од половина час. Лонецот за бавно готвење и експрес-лонецот можат многу да ви ги олеснат овие работи.

3. Редовните семејни вечери ги зголемуваат шансите за професионален успех кога ќе пораснат

Со години работодавците ги вбројуваат комуникациските вештини во најважните квалитети што треба да ги поседуваат работниците. Дури и со сите напредни технологии комуникациските вештини високо се вреднуваат во сите кариери.

Приготвувањето семејни вечери неколку пати неделно може многу да ги подобри детските комуникациски вештини, а со самото тоа и нивните шанси за успех во иднина. Способноста да седнат и да разговараат во текот на целиот оброк помага и во подготовката на децата за разговори со возрасните, шефовите и професорите. Вежбањето на овие вештини ќе им стане навика на децата и ќе ја користат и како возрасни.

4. Семејните вечери создаваат здрави навики во исхраната

Уште една придобивка од заедничките оброци е тоа што децата стекнуваат здрави навики, а за тоа не се ниту свесни. Тоа се случува затоа што домашните оброци обезбедуваат повеќе хранливи состојки и опуштена атмосфера. Децата што вечераат со семејството имаат помалку шанси да се здебелат и да имаат нарушувања во исхраната.
Причината е едноставна: во текот на семејните оброци децата го гледаат вашето однесување на маса и се изложени на храната што вие ја сервирате. Едноставно, ако ги храните децата разновидно, ќе научат да ја јадат вистинската храна.

5. Семејните оброци го намалуваат ризикот од депресија

Една од најневеројатните придобивки од заедничките оброци е директната врска помеѓу емоционалното здравје на детето и редовните семејни вечери. Некои студии укажуваат на тоа дека децата што почесто вечераат со семејството помалку се склони кон депресија.

Тоа се случува бидејќи седењето на маса заедно поттикнува отворена комуникација во семејството. Дури и кога овие разговори се за тоа кој како го поминал денот, се развива силна врска помеѓу родителите и децата. Кога децата и тинејџерите се поопуштени во разговорот со вас, генерално, поголеми се шансите да ви се обратат во кризни ситуации.

Извор

 



912

X