м-р Теодора Богојевска, логопед

м-р Теодора Богојевска, логопед

Логопедски центар „Флуенто“, Тетово
facebook.com/Centar-za-logopedski-uslugi-Fluento

Повеќе од авторот

Доколку детето неадекватно реагира на звуци и тоа трае долго, или уочите поголем број несоодветни реакции, тогаш треба да се направи преглед

Добриот слух е неопходен услов за нормален развој на говорот. Поради тоа, навременото откривање на оштетениот слух е најважно за успешно отстранување на штетните последици врз развојот на говорот. Доколку детето неадекватно реагира на звуци и тоа трае долго, или уочите поголем број несоодветни реакции, тогаш треба да се направи преглед кај оториноларинголог и аудиограм.

Ризици за оштетување на слухот:

– Наследувањето (членови од поблиската или пошироката фамилија со оштетен слух);
– Проблеми во бременоста (рубеола, вирусни инфекции);
– Проблеми при породувањето (асфиксија, силна жолтица);
– Повреди или заболувања на мозокот, чести воспалувања на грлото и на ушите во раната возраст.

Знаци што посочуваат на оштетен слух

Кај доенче (од 1 до 3 месеци од животот):

– Не реагира и не трепка на изненадно силен звук;
– Не ги менува активностите на звук.
Треба да се има предвид дека реакциите на оваа возраст за брзо време се исцрпуваат, исчезнуваат со повторување на еден ист звук повеќе пати, па треба да ги повторите по кратка пауза, секогаш надвор од видниот круг.

Од 4 до 7 месеци:

– Сè помалку гуга и не почнува да брбори;
– Не обрнува внимание на говорот;
– Не се завртува кон изворот на звукот;
– Не го интересираат звучните играчки.

Од 8 до 12 месеци:

– Многу сиромашно брбори или воопшто не;
– Не имитира звуци;
– Не се одзива на име;
– Нема ниту еден збор.

Мало дете (2-3 години)

– Незаинтересираност за говор и звуци;
– Говорот не се развива;
– Не ги разбира говорните налози ако не се придружени со гест, мимика или ако не произлегуваат од самата ситуација;
– Претерано обрнува внимание на устата од соговорникот.

Претшколско дете (4-6 години):

– Изменета е мелодијата на реченицата;
– Неправилно нагласување на одредени зборови во реченицата;
– Говорот се деформира, се губат или се оштетуваат согласките Ц, З, С, Ш, Ж, Ч…
– Многу често не го разбираат доволно говорот и децата се склони кон потпрашување, па мора по барање повеќе пати да им се повтори;
– Радиото или телевизорот го пуштаат погласно;
– Детето станува невнимателно, тврдоглаво, се повлекува или е претерано активно.

Петгодишното дете со оштетен слух многу добро ги разбира луѓето околу себе по нивниот израз на лицето, пасивно го чита говорот од нивните лица и ги извршува наредбите. Може подолго време да се сконцентрира на одредени предмети и активности, подобро црта и се чувствува посамостојно. Сака да се дружи со своите врсници, да игра во групи…

Родителите што имаат глуво или наглуво дете (со оштетен слух) треба да знаат дека на детето треба да му зборуваат тогаш кога тоа гледа во нив. Да му зборуваат побавно и со малку појак глас. Да му зборуваат одблизу или покрај ушите. Кога разговараме со дете со оштетен слух, лицето треба да ни биде доволно осветлено за да го види целото наше лице, а не само устата.

Треба да се потрудиме нашата уста да биде во висина на неговите очи, а не да нè гледа накосо, затоа треба да клекнеме покрај него, да бидеме поблиску до него за да може подобро да нè види и слушне. На детето со оштетен слух треба да му се зборува со цели реченици, како и на секое друго дете, а не со по еден збор. Да му се именува секој предмет со кој си игра или го држи в рака. Да му се повторуваат повеќе пати едни исти зборови, реченици или фрази. Зборувајте му на детето со многу љубов и внимание и настојувајте да го повтори она што го слушнало. Не треба да бидете нестрпливи и да очекувате детето веднаш да одговори. И детето што нормално слуша прво слуша, и тоа долго слуша, за подоцна да прозбори и на наше големо изненадување да каже и зборови кои многу одамна или само еднаш сме му ги кажале.

И детето со оштетен слух е, пред сè, дете што расте, се развива и созрева. Тоа има исти потреби и желби како и секое друго дете, да биде сакано, убаво нахрането, да си игра и преку играта да се стекнува со нови знаења и искуства. Иако му е попречена способноста да слуша, тоа се развива и степените на неговиот развој се различни, во зависност од возраста, па затоа треба да му се овозможи да ги развива своите вештини.
На детето треба да му се помогнете во играта и постојано да му се именуваат предметите со кои си игра и кои се наоѓаат пред него, треба да се поттикнува што да прави и како да го направи тоа подобро, поразлично, побрзо и поубаво. Поттикнувајте го детето да учи преку активностите, а преку играта да го совладува говорот.



912

X