Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 6-годишно дете, машко, кое сега тргнува на училиште. Се трудам дома да го седнам и да го упатам кон почетно пишување и основни елементи на цртање и боење, бројки, но брзо губи трпение и интерес. Ако згреши, се разочарува и брзо се откажува. Сè друго го интересира, играње, телефони и задевање со помалото братче. Секоја ноќ читаме сликовници, но не покажува интерес за нив самоиницијативно. Сите овие работи кај другото дете се самостојни и спротивни, тоа има 4 години, а и двајцата оделе во градинка. Дали има простор за грижа и кои се симптомите кога треба да се посети психолог?

Прашува: Маја

ОДГОВОР: Почитувана, со тргнувањето на детето во училиште се менуваат интересите, потребите и одговорноста на детето, но се зголемуваат и очекувањата од страна на родителите. Пред запишувањето на вашето дете во училиште психологот утврдил дека е подготвено и доволно созреано да може да ги совлада наставните содржини. Во процесот на подготовка за тргнување на детето за училиште многу е важен и начинот на кој таа се одвивала во текот на предучилишниот период. Бидејќи немам информација за овој процес, претпоставувам, бидејќи вашиот син посетувал градинка, дека подготовката за на училиште започнала таму.

Јана Зенговска

Вие секако дека му го мислите и посакувате најдоброто на вашето дете и барате начин да му го олесните процесот на учење и приспособување на училиште. Нема потреба од подготовка на детето да пишува или, пак, да пресметува пред да тргне на училиште. Воедно, важно е да знаете дека секое дете, иако е воспитувано од истите родители, има свои особености и потреби кои се разликуваат од другите деца во семејството.

Доколку постои споредба, и да не е вербализирана, може само да предизвика отпор кај детето и да создаде слика дека не е доволно паметно, добро, интересно како неговиот брат.

Во овој период разговарајте со синот за вашиот, а и на сопругот, прв училиштен ден. Не креирајте нереална слика за училиштето. Детето треба да знае дека училиштето е место каде што ќе учи многу работи, ќе осознава, ќе стекне пријатели, но е и место во кое има правила. Дополнително преку игра децата учат најмногу без да почувствуваат притисок дека мора да учат. Буквите, геометриските фигури, броевите може да ги научи полесно ако самиот ги креира (со пластелин, тесто), a  потоа може и да ги обои. Времето што го поминувате заедно е одлична можност за учење. Без оглед дали купувате, се шетате или патувате, детето има можност да стекне нови информации, да научи нови зборови. На ваков начин се збогатува речникот на детето, го учите на правила на однесување итн. Вештините за комуникација кај детето се развиваат само преку разговор. Охрабрувајте го и пофалете го кога ќе изработи некоја задача или спроведе активност. Важно е да се препознае неговата иницијатива и да се поддржи. Имајте предвид дека децата на 6-годишна возраст најефективно може да учат 20-30 минути. Воедно, успехот во училиште на почетокот не зависи толку многу од количината на знаење што дете ќе го стекне во прво одделение, туку од способноста на детето да го контролира своето однесување.

Препознајте ги потребите на детето во моментот, доколку е уморно или губи интерес, направете пауза. Нема потреба од строго инсистирање да се сработи некоја задача. Важно е да се препознаат и вербализираат емоциите што се јавуваат. Емоционалното описменување е многу важно и го поддржува и поттикнува процесот на учење. Секое дете има капацитет и желба да осознава и да стекнува нови знаења, само е потребно со многу љубов и внимание да се стимулира.

Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 071 221 808

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X