На детето треба да му се помогне кога навистина не може само, но не треба да се завршуваат работите наместо него
Добриот почеток во училиште претставува психичка подготвеност на детето за учење во училиште. Училишниот успех во почетокот на образованието не зависи толку од стекнатиот обем на знаења, колку што зависи од сознајните интересирања и способноста за управување на сопственото поведение. Тоа значи дека потребата за сознавање треба да се развива уште во предучилишниот период преку постојано поттикнување и развивање волев напор детето да ги завршува зададените активности.
Со почетокот на училиштето детето добива многу нови одговорности и важно е да му помогнеме да се организира, да усвои работни навики и да стане што е можно понезависно. Во овој процес, многу е важно да им се помогне да научат како да го испланираат своето време (кога да учат и како да ги распоредуваат задачите) и како активно да учат, без одложување и избегнување на задачите.
Кога детето не може да ги исполни родителските амбиции, проблемот го гледа во себе, а многу ретко мисли дека проблемот е во амбициите на родителот. Ова потоа станува дел од неговата слика за себе, манифестирајќи недостиг на самодоверба
Што значи за родителите тргнувањето на детето на училиште?
Кога детето тргнува на училиште, семејството влегува во нова развојна фаза во која се случуваат важни промени на кои мора да се приспособи. Нов, надворешен, училиштен систем е инкорпориран во семејниот систем, кој го извршува своето влијание врз семејството. Нови луѓе (наставници, соученици, нивните родители), нови одговорности (усвојување работни навики, правила на однесување во училиштето, извршување на училишните и вонучилишните активности…). Сите овие промени ги отвораат дилемите за родителите: како да му помогнат на детето да се приспособи, како и колку да му помогнат да учи, колку да се мешаат во односите на детето со наставникот и соучениците и сл. Иако овие теми се најзастапени, а промените во животот и на детето и на семејството се најизразени со тргнувањето во прво одделение, влегувањето во следните одделенија не е без тешкотии.
Кога учебната година ќе заврши, децата влегуваат во нов ритам, се ослободуваат и се релаксираат. Со доаѓањето на новата учебна година и тие и родителите треба да се навикнат на обврските, новите наставници и предмети, новото темпо.
Усогласување на желбите и очекувањата
Направете компромис за тоа што очекувате од своите деца. Различните очекувања на родителите може да доведат до проблем. Во овие ситуации децата добиваат двојни пораки и најчесто го избираат полесниот начин, односно се потпираат на попустливиот родител.
Што се случува кога родителите премногу очекуваат од детето?
Ова е многу чест проблем и влијае не само врз децата во училишниот период, туку често остава последици кои се видливи и за време на зрелоста. Кога детето не може да ги исполни родителските амбиции, проблемот го гледа во себе (не е „паметно, способно, борбено и сл.“), а многу ретко мисли дека проблемот е во амбициите на родителот. Ова потоа станува дел од неговата слика за себе, манифестирајќи недостиг на самодоверба. Ако родителите многу бараат, критикуваат и казнуваат, детето ги усвојува овие пораки и чувствува притисок врз себе дека: „Мора да успее“, „Не смее да згреши“, „Нема одмор сè додека успешно не заврши“ и сл. Понекогаш, задоволувајќи ги амбициите на родителите, децата не успеваат да ги откријат и да ги задоволат сопствените амбиции.
Колку родителите треба го штитат своето дете на училиште?
Денес, прекумерната заштита на децата е еден од поголемите образовни проблеми. Сакајќи да ги заштитат децата од стресот или да покажат колку би направиле за нив, родителите одат во крајност, што значи дека нивните деца стануваат презаштитени и привилегирани. Изложеноста на проблем, стрес, фрустрација, ни помага да развиеме толеранција за фрустрација, односно еден вид „психолошки имунитет“. Ако родителот го заштитува детето со тоа што ќе направи работи за него (пишување на домашна задача, оправдување на училишни изостаноци, решавање на училишните и вонучилишните проблеми), детето нема да научи како да се справи со сето тоа и да развива автономија.
Направете компромис за тоа што очекувате од своите деца. Различните очекувања на родителите може да доведат до проблем
Дополнителен проблем со заштитата на децата може да биде и тоа што им се испраќа порака на децата дека сè им припаѓа и дека им е дозволено. Многу често родителите неосновано проблемот го бараат во наставниците, особено во периодот на оценување на училишните постигнувања. Вршејќи притисок врз наставниците и борејќи се за повисока оценка на сопствените деца, родителите создаваат чувство на привилегија и искуство дека правилата не важат и за нивното дете. На овој начин детето создава нереална слика за себе и за сопствените способности.
Фото: Архива
На детето треба да му се помогне кога навистина не може само, но не треба да се завршуваат работите наместо него. Треба да се направи јасна разлика дали навистина детето не може нешто само да направи или не сака, дали му е тешко или го мрзи, здодевно му е и сл. Дури и кога детето не може нешто само да направи, не треба секогаш да му се нуди готово решение. Добро е детето да се поттикнува и насочува постепено, да се води само да дојде до решението.
Дали родителот треба да го казнува детето?
Истражувањата во педагогијата и психологијата покажуваат дека наградата е посилна од казната, затоа се препорачува секогаш кога е можно, да користиме пофалби или награди отколку казни. Меѓутоа, ако употребиме критика, најважно е јасно, точно и навремено да го критикуваме однесувањето на детето, а не личноста на детето. Ако користиме казна, важно е „казната да одговара на делото“, да не се сведе на физичка казна и засрамување на детето или што било друго што може да има долгорочни негативни последици врз детето. Детето треба да разбере што и зошто казнуваме, па затоа е важно казната да биде навремена и логично или природно поврзана со она што го казнуваме. На пример, „природната“ последица, па дури и казната за неучење, е ниската оценка, додека договорената „логична“ казна е да се забрани излегување сè додека не се поправат оценките.
912