Најдобра превенција, според лекарите, е и децата и возрасните соодветно да се заштитат од каснување од комарци

Западнонилската треска не се пренесува од човек на човек. Лекарите објаснуваат дека човекот може да се зарази ако го касне заразен тигрест комарец.

Во Македонија има тигрести комарци кои, ако се заразни, може да го пренесат вирусот.

Споредено со околните земји, низ годините кај нас има најмалку заразени и починати.

Во октомври завршува периодот кога живеат комарците, а би поминал и периодот на инкубација на вирусот ако некој бил заразен. Тогаш се намалува веројатноста за нови случаи.

Симптомите на инфекцијата по каснување од заразен тигрест комарец се јавуваат од 3 до 14 дена по заразувањето.

Околу 80 проценти од инфицираните поминуваат без симптоми, додека другите имаат полесна клиничка слика. Светската статистика покажала дека кај еден од 150 случаи на заразени се јавуваат силни знаци на болеста.

За полесна клиничка слика се сметаат симптомите: треска, главоболка, мачнина, повраќање, болки во телото, исип на кожата и потечени лимфни јазли.

Под тешка клиничка слика се подразбира: воспаление на мозокот, висока телесна температура, грчеви, губење на свеста, вкочанет врат, парализа. Статистиката вели дека кај помалку од 1 процент од заболените се манифестираат тешки невролошки симптоми.

На Клиниката за инфективни болести сè уште е на апарати за дишење и во критична состојба 66-годишниот скопјанец заразен со западнонилска треска. Од клиниката велат дека лекувањето ќе биде долго и неизвесно бидејќи вирусот го зафатил централниот нервен систем. Дополнителен ризик предизвикале и хроничните болести што ги имал пациентот.

Најдобра превенција, според лекарите, е и децата и возрасните соодветно да се заштитат од каснување од комарци. Заштитата е строго препорачана доколку се престојува во близина на вода, каде што е зголемена веројатноста да има комарци.

Се советува да се спречува размножувањето на комарци во средината во која се престојува со неколку мерки:

– Не оставајте отворени буриња, канти, пловни објекти (чамци) и стари гуми по дворовите во кои може да се собира вода;
– Редовно чистете ги олуците за да се овозможи истекување на водата;
– Одржувајте ги чисти базените за капење, украсните базени, фонтаните;
– Не создавајте бари (застоени води) по дворовите.



912

X