Нема многу студии за спецификите на кошмарните соништа кај децата. Повеќето од нив покажале дека децата на возраст од 5 до 10 години имаат најмалку еден кошмарен сон кој останува свеж и запаметен и по долги години во животот

Зошто децата сонуваат лоши соништа или кошмари, дали е тоа поврзано со сè што им се случува и го преживуваат во текот на денот? Дали да го разбудите детето кога ќе забележите дека има кошмар, како да реагирате? Според проф. д-р Мирослав Пендароски, психолог и универзитетски професор, на оваа ситуација треба да ѝ пристапите со емпатија. Со проф. Пендароски разговараме за разликите помеѓу страшни соништа и кошмари кај децата, кои се нивните причинители, како да постапите кога ќе се случат.

Дали се разликува сонот кај дете и кај возрасен човек?

– Тешко е да се каже. Од неврофизиолошки аспект, сонувањето е унифициран процес во текот на скоро сите фази на сонувањето, почнувајќи од лесниот сон (фаза 1), сè до длабокиот сон (фаза 4) и до РЕМ-спиењето. Неврофизиолошкиот апарат еднакво реагира и кај децата и кај возрасните во поглед на процесите на ниво на централниот нервен систем. Она по што се разликуваат децата и возрасните, кое исто така не е целосно докажано во литературата, е дека психолошкиот аспект, т.е. соновите се разликуваат поради многу причини – искуството кое е на страната на возрасните, креативноста, која пак е на страната на децата бидејќи тие се само делумно рационални битија, па сè до сфаќањето на извештаите за сонуваното кај децата и возрасните.

Проф. д-р Мирослав Пендароски

Денес во современата литература поимот сон се разликува од поимот репорт (извештај од сонот) – тоа што сонувачот го изнесува како запомнета содржина. Познато ни е дека не сите сонови се помнат, а секако и тоа што е запомнето и изложено може да биде дел од субјективна и несвесна измена на содржината поради многу свесни и/или несвесни психолошки и невролошки причини. Некои истражувања покажале дека соновите на децата, особено кај помалите, се значително пократки и поедноставни од оние кај возрасните, иако и тоа е земено со резерва бидејќи од друга страна, пак, децата може да сонуваат повеќе и подолго од возрасните, особено ако сонот се однесува на нешта што ги засегаат (играчки и сл.). Исто така, некои автори потенцираат дека децата може повеќе да сонуваат за познати ликови од будноста, додека возрасните повеќе сонуваат непознати ликови, што може да се објасни со искуството и интелектуалниот развој по кој се разликуваат. Децата, исто така, повеќе сонуваат за животни или мистериозни ѕверови од возрасните. На пример, во една студија кај децата се јавувале ликови на животни во дури 39% од извештаите за сонуваното. Кај поголемите деца тој процент спаднал на 14%, а кај адолесцентите бил само 7,5%.

Постојат релативно значајни докази дека кај децата нивото на доживеан стрес најмногу придонесува за кошмарните соништа, особено ако стресот е резултат на макро, или големи трауми какви што се долга болест на близок роднина, смрт на родител, брат/сестра или близок член на фамилијата и/или други причинители, сообраќајки, несреќи и слично

Треба да се земе предвид дека соновите и нивните разлики кај децата и возрасните се последица и на одредени културолошки, традиционални и социјални елементи. Ако се земе претпоставката дека децата се чеда на десната, креативна хемисфера на мозокот, разбирливо е што тие повеќе сонуваат фантастични суштества и ликови – креативна продукција произлезена од нивното фантазирање, како и од нивното помало искуство со реалноста во будноста за разлика од возрасните. Денешните деца од постмодерните генерации, кои се под огромно влијание на електронските виртуелни уреди и интернет-ерата, секако дека сонуваат различно од децата од пред 20, 30 или повеќе години. Нивниот буден живот е исполнет со многу имагинарни ликови, па се очекува соништата да им бидат под влијание на тие реалности, иако не е исклучено токму истите современи деца да сонуваат повеќе за она што им фали – една инаква реална стварност надвор од виртуелниот свет кој секако е доволно фантазмагоричен и нереален во буквалната смисла на зборот.

Поговорката – секоја планина своја тежина најдобро може да илустрира дека секој го сонува она што му е најпотребно и најзначајно во одреден период од животот. Ако за возрасните тоа се желбите и потребите врзани за нивните грижи, потреби и несигурности произлезени од одговорностите што ги носи зрелата доба, тогаш за децата соновите ги носат токму нивните специфични и за возраста најзначајни скриени потреби, желби и мечти. Една друга поговорка вели – гладна кокошка просо сонува. Секако, сонот не е секогаш разбирлива порака од несвесното и бара детална анализа и разбирање за да се продре во неговата суштинска смисла.

Како се создаваат кошмарните соништа кај децата?

– Нема многу студии за спецификите на кошмарните соништа кај децата. Повеќето од нив покажале дека децата на возраст од 5 до 10 години имаат најмалку еден кошмарен сон кој останува свеж и запомнет и по долги години во животот. Причините за кошмарни соништа кај децата најчесто се исти како и кај возрасните – анксиозност, трауматски искуства, дисоцијативни патолошки процеси во личноста и варијабилноста во пулсот.

Сепак, постојат релативно значајни докази дека кај децата нивото на доживеан стрес најмногу придонесува за кошмарните соништа, особено ако стресот е резултат на макро, или големи трауми какви што се долга болест на близок роднина, смрт на родител, брат/сестра или близок член на фамилијата и/или други причинители, сообраќајки, несреќи и слично. Секако дека и децата што имале вообичаени детски стресови произлезени од училиштето, лекарските прегледи или несогласувањето со другарчињата, сонуваат кошмарни соништа, но, сепак, тие покажуваат значително понизок процент на сонувани кошмари бидејќи се разликуваат заднината на стресот и тежината на трауматските доживувања.

Покрај овие фактори, проблемот на дисоцијација, т.е. одделување на стварноста во будноста од виртуелната вивидна стварност во соновните фантазии, придонесува децата подолго да помнат кошмарни соништа од возрасните, а тоа повратно дејствува врз стресогеноста на кошмарите во секојдневието на децата. Како чеда на креативноста и имагинацијата, децата го носат кошмарниот свет пореално и повеќе му веруваат токму како производ на неразбирањето на реалноста и малото животно искуство.

Самиот сон всушност претставува дисоцијација од будноста и најчесто е визуелна приказна далеку од логичноста на физичката стварност, што дополнително кај децата ја зголемува вербата во нивната веродостојност. Возрасните подобро се носат со кошмарите поради рационалното објаснување и одбранбените интелектуални механизми со кои го дисоцираат стварниот физички свет од имагинарниот. Децата потешко ја разликуваат таа граница, која за нив е многу тенка и честопати преминуваат од една во друга реалност.

Кај некои деца со предисторија на психички нарушувања и/или анксиозност, таа дисоцијација е толку тешко остварлива што тие понекогаш изгледаат како да живеат во кошмарната стварност. Мора да разбереме, а тоа е порака и до родителите, дека приказните на децата околу нивните кошмари треба максимално сериозно да се сфатат и прифатат и да им се дозволи на децата да го одживеат тој страшен свет во безбедна и поддржувачка средина. Така повратно ќе се ослободат низ една рационална елаборација и разбирање, кое за среќа, со годините во адолесценцијата и доаѓа – повеќето кошмарни сни се губат со годините, како што детето созрева и ја сфаќа реалноста.

Колку се тие предиспонирани од дневните доживувања на детето?

– Со самата демистификација на соништата, како кај возрасните така и кај децата, се дојде до заклучокот дека повеќето од соновите, се разбира тука спаѓаат и кошмарните, се производ на дневните доживувања во будноста. Како што во самата структура и динамика на психологијата на кошмарниот сон, која е секако несвесна, доминираат непријатните слики, доживувања и вербални елементи, така и непријатните доживувања од секојдневието придонесуваат за создавање кошмарни сценарија. Кога сето тоа ќе се надоврзе на некаква трауматска и/или патолошка предисторија или актуелен живот кај одредено дете, се разбира дека и кошмарните соништа се поизвесни.

Кога детето има кошмар, тоа најчесто се буди преплашено, во терор и трча кон родителот или старателот врескајќи. Тоа е нормална реакција при такви тешки искуства во кои егото на детето не знае дека тоа не е будна реалност, туку фантазија.

Некои деца може да имаат и физиолошки реакции – ноќно мокрење, изразена анксиозност, страв и фобии, тешко дишење, висок пулс итн. Мора да се разбере дека сонот си има своја, парадоксална логика и дека нашето Его не ја разликува таа реалност од будната реалност. И таа реалност е еднакво реална како и физичката. Оттука, реакциите на родителите од типот дека тоа не е ништо, измислено е, ќе помине и дека не е сфатливо детето да се плаши, се неефективни бидејќи ја игнорираат доживеаната реалност на детето кое сè уште е под тешките и исцрпувачки импресии на кошмарот. Од друга страна, пак, инсистирањето на родителот или старателот детето да го раскаже сонот овозможува контраефект, бидејќи на еден начин го држи детето сè уште во таа страшна реалност. Детето нема да сака и нема да може да заспие и/или ако повторно заспие, многу е веројатно повторно да го сонува истиот кошмар. Тоа би значело дека таквите реакции ќе го ретрауматизираат и ќе ја зголемат живоста на сонот и можноста тој да се запамети. А штом еднаш се запамети, останува во долготрајната меморија и можноста кошмарот пак да се врати е доста извесна.

Најнеадекватна, најнехумана и најлоша реакција и интервенција на родителот/старателот е да му суди и да го обвинува детето за кошмарот, да го негира тоа доживување и/или да го погрди, прекори и искара детето дека не знае што зборува, тоа не се случило и слично. Разбирливо е дека родителите не се машини и честопати поради потребата од сон по долгиот и напорен работен ден се нервозни, анксиозни, фрустрирани и слично, но тоа не смее да биде изговор за ваквите непромислени и далекосежни реакции кои ќе остават последици за понатаму во детскиот живот.

Како да се постапи?

  • Кога детето ќе се разбуди во бунило од кошмарниот сон, пред сè, понудете му разбирање со емпатичност, топол збор на афирмација и прифаќање.
  • Гушнете го и припијте го до себе за да се смири.
  • Дајте му чаша вода и кажете му дека ви е јасно дека видело нешто страшно и дека разбирате колку се исплашило.
  • За да оневозможите кошмарот од краткотрајната да прејде во долготрајната меморија, пренасочете му го вниманието кон друго нешто, без разлика колку ситно, на пример, дека утре ќе биде убав ден, дека ќе прошетате некаде и слично.
  • Сепак, не негирајте ја реалноста на неговите тешки соновни искуства и стравотиите доживеани во сонот. Покажете разбирање за неговиот страв, зашто оттргнувањето од доживеаното не е исто со негирањето дека нештото се случило. Може да му кажете дека откако ќе се наспие, ќе поразговарате за тоа што се случило и слично.
  • Прочитајте му дел од некоја интересна книга и не терајте го веднаш назад во креветот.
  • Пуштете малку музика за да се смири и покажете му како правилно и хармонично да диши.
  • Откако ќе се наспие, следниот ден предложете му да ви каже како се чувствувало или да го нацрта тоа што го видело. Истото може и да го напише како куса приказна, стих, песна и слично. Може и да му понудите стравот да го моделира со глина, да направи колаж и други креативни начини со кои ќе може да го искаже искуството.
  • Ако детето е помало, појдете заедно во неговиот кревет, почекајте повторно да заспие, па потоа напуштете ја собата.
  • На крајот на краиштата, покажете дека му верувате. Кажете му дека знаете дека самото знае да биде силно и да го надмине тоа непријатно искуство, задржувајќи ги емпатијата и разбирањето за доживеаното искуство.
  • Сакајте го секогаш за да можете да го поддржите тогаш кога ќе биде исплашено. Како што сонот е континуитет на севкупниот живот и мостот од едно будење до друго, така и љубовта кон детето е континуитет во кој резултатот ќе биде плодна почва и тогаш кога стравот ќе го надвладее неговото битие!

Децата често долго време ги паметат кошмарните соништа кои ги доживеале многу интензивно. Како да постапат родителите за да не се појават стравови кај детето кои би се одразиле врз неговиот понатамошен живот?

– Да, децата долго време ги помнат кошмарните соништа, и тоа мошне живо. Секако дека тие можат да имаат посериозни последици врз нивните животи. Се разбира, доколку кошмарните соништа се присутни во големи размери и имаат широк дијапазон на патолошки ефекти, не изигрувајте доктор и реагирајте со тоа што ќе го однесете детето на психотерапевт кој работи со соништа и кој може да употреби многу од денес присутните методи: аналитичка психологија, психоанализа, гешталт-терапија, когнитивно-бихевиорална краткорочна терапија, катарзична метода, метода на правење приказни од соновите, директно-предизвикувачка бихевиор терапија, креативно-визуализирачки и арт-тераписки методи и други.



912

X