Трета година по ред Маргарет, Петре, Јасна и Христина на посебна група на „Фејсбук“ организираат летувања за семејства што не можат да си ги дозволат. Но успеваат да обезбедат и донации за вадење пасоши, патничко осигурување, оброци, забава…
Се сеќавам кога и пишав на една мајка и ја прашав каде планираат да одат на одмор. Ми рече: „Каков одмор, нема шанси такво нешто“. Прашав дали може јас да им го испланирам. Знаев дека имаат пасоши бидејќи беа на лекување во странство. Не можеше да поверува дека сум сериозна додека не ги даде пасошите за резервација, раскажува хуманитарката Маргарета Куртиќ или Маргарет Курт, како што ја знаат пријателите на социјалните мрежи. Таа заедно со Петре, Јасна и Христина преку група на социјалната мрежа „Фејсбук“ трета година организира летувања за семејства што не можат да си ги дозволат. Успеваат да обезбедат и донации за вадење пасоши, патничко осигурување, оброци, забава…
Маргарет Курт
Парично побогати или побогати во срцето?
„Бесплатно сместување Македонија и превозници со големо срце“ е група која функционира од 2017 година, кога се нудеше само сместување за семејства кои не се во можност да си го дозволат тоа. Сместувањето беше во Македонија – Охрид, Дојран, Преспа, Крушево… Родителите и децата беа пресреќни и затоа продолживме со акциите.
-Годинава одлучив да упатам еден, ако може така да се каже, поширок апел – раскажува Маргарет.
На почетокот на летото објавивме: „Додека ние размислуваме каде на одмор, некој не може ни да помисли на такво нешто. Има случаи кога едниот родител е вработен, но другиот не може ни да помисли да работи зошто мора да биде со детето кое е со попреченост. Има родители кои се самохрани зошто другиот родител ги напуштил и не сака ни да слушне за своите деца, а не да ги види. Дали некогаш сте помислиле на овие семејства? Дали можете да ослободите една соба за едно семејство да биде сместено во летниот период кај вас во вашите апартмани и да користи одмор? Дали 5 дена ќе ве направат парично побогати или побогати во срцето. Сепак, од вас зависи“.
Повикот не се однесување само на оние кои издаваат апартмани, туку и на ресторани, превозници, туристички агенции…
Имаше понуди, ама луѓето немаа пасоши
-И да, овој повик успеа. Веднаш стасаа пораки од туристички агенции. Се јавуваа вработени, сопственици… Една порака, друга, трета… – раскажува Маргарет.
Повеќе туристучки агенции го прифатиле предизвикот да обезбедат бесплатен одмор за семејства кои не се во можност да си го дозволат тоа. Оваа хуманитарна акција на Маргарет и нејзините пријатели е само продолжение на цела низа претходни.
-Не ми се веруваше дека семејствата кои до вчера ги помагавме, а дел од нив се уште ги помагавме, сега ќе ги пратиме на одмор. И стасавме до прашањето кого сега да пратиме – вели таа.
Меѓу првите стасале понуди за на море.
-Имавме понуда за на море, но и семејства кои немаат пасоши. Додека апелиравме до домашните изнајмувачи и хотелиери да ни понудат одмор за семејства, пишаа луѓе со големо срце, даваа пари за оние што треба да одат на одмор да си извадат пасоши. Пораките се зголемуваа па имавме и такви што плаќаа одмор за семејства, а имавме и за костими за капење, играчки за на плажа, гуми… Среќа, огромна среќа – раскажува Маргарет.
Да израдуваме уште многу родители и деца
Почнале контактите со семејствата. Сакала да бидат опфатени сите категории – социјално загрозени, самохрани, родители на деца со попреченост… А освен да се усреќат семејства кои сами пишувале и се пријавувале, имало семејства кои ги познаваат.
-Тука беа семејствата на кои им помагаа хуманитарните организации „Свети спас“, „Утешител“, „Стопли Срце“… Од секаде по малку, од секаде по некој. Целта беше и да не се само семејства од Скопје туку и од другите градови со што агенциите ни излегоа во пресрет со превозот. На одмор уште на почетокот пративме 5 семејства, тие се вратија, појдоа други, па трета група… Кога сите агенции би се вклучиле, кога сите би дале само по едно летување, само една понуда, многу семејства ќе ги пратиме на одмор за кој никогаш не ни помислиле бидејќи можностите не им го дозволувале тоа. До крајот на летото имаме уште, имаме веќе договорени одмори, закажани пасоши, но и време и надеж дека уште ќе се прошири акцијата. Да ги израдуваме и оние семејства кои чекаат и се надеваат сека ќе имаат среќа да појдат на одмор – додава Маргарет.
912