Колку и да ви звучи неверојатно, многу деца од најрана возраст покажуваат талент за манипулација, па успеваат да добијат сѐ што ќе посакаат од родителите, но и од бабите и дедовците. Колку повеќе е сигурно во љубовта на возрасните лица, толку неговото „преку леб погача“ ќе биде поизразено.

Се сеќавате ли на периодот кога вашето бебе имаше само неколку месеци? Мислите ли дека во тој период не било способно да манипулира? Ако подобро размислите за неговото однесување, ќе се сетите дека со плачење или одредени гестови бебето успевало да го добие она што го сакало во тој момент. За таа возраст ваквото однесување е природно, но не е за двегодишно дете кое се фрла на подот за да го истера своето, да добие играчка или уште слатки.

Доколку родителите, со желба да го смират, ги исполнуваат неговите каприци, плачот ќе престане, но тоа ќе сфати дека на тој начин ќе може да добие сѐ што ќе посака. На тој начин настанува манипулацијата.

Меѓутоа, колку и да го сакате, а го сакате најмногу на светот, не смеете да му дозволите да ве врти околу малиот прст, туку мора да му поставите граници, и тоа веднаш кога ќе сфатите што прави. Важно е двајцата родителите да ги усогласат ставовите, за едниот да не биде добриот полицаец кај кого поминува сѐ, а другиот да биде тој што ништо не дозволува. Со тоа на детето му се праќаат погрешни сигнали кои само го збунуваат.

Од втората година, родителите мора да научат како да ги разликуваат потребите и желбите на детето. Незадоволените потреби можат да го загрозат неговото функционирање, па сосема е природно да плаче доколку е гладно или жедно, додека од друга страна, незадоволените желби предизвикуваат само непријатност која не му пречи во нормалниот живот. Децата не знаат да направат разлика помеѓу овие две работи, но родителите мора.

Кога родителите ќе одбијат да исполнат некоја желба на детето, тоа мисли дека родителот го отфрлил, бидејќи во првите години не ја разделува својата желба од себеси. Така, кога ќе одбиете да му исполните некоја желба, бидете сигурни дека на детето претходно сте му покажале љубов и наклонетост, бидејќи само така ќе може да сфати дека границите што му се поставени немаат врска со вашите чувства кон него.

Следниот пат кога детето ќе се обиде да манипулира, сетете се на советите од психолог:
– Бидете истрајни кога на детето ќе му кажете „не“.
– Контролирајте ги своите емоции, особено во стресни ситуации.
– Учете ги од најрана возраст работите да ги бараат со почит, љубов и уважување од спротивната страна.
– Со партнерот усогласете ги ставовите околу овие ситуации.



912

X