Магдалена Стојановски, стоматолог

Магдалена Стојановски, стоматолог

ПЗУ „Тера дент“

Повеќе од авторот

Рубриката Совети од стоматолозите е поддржана од „Лакалут“

Нешто што многу често го среќаваме во секојдневната практика е фистула на млечни заби. Бидејќи не е ретка појава, решив повеќе да зборуваме на оваа тема

Што е фистула?

Фистулата е канал за дренирање одлив на ексудат (гној) и се формира во близина на коренот на забот во форма на топче. Ако се притисне, се исцедува гној, а со исцедувањето на гнојот се намалуваат притисокот и болката, но тоа не значи дека инфекцијата е излекувана. Причината за создавање фистула кај млечните заби најчесто е воспаление на околните ткива на коренот на забот. Настанува како резултат на ненавремено третиран кариес, кој подоцна преминува во сложена форма. Може да се појави и во случај на постојано воспаление или дентален апцес, или бактериска инфекција која постепено се развива во областа на горната или на долната вилица. Поради тоа, треба да се направи итен третман, но често се открива многу доцна бидејќи не предизвикува значителна болка. Постои опасност од оштетување на зачетоците на трајните заби. Кај децата се забележува непријатен мирис од усната празнина, болка (но не е секогаш присутна), црвенило на непцето и оток во форма на топче.

Млечниот заб причинител на фистула може да биде затворен со пломба или да има голема кариозна шуплина.
Симптомите на формирање фистула започнуваат со болка, која се зголемува во текот на џвакањето, присуство на оток на непцето во пределот на коренот на забот и има врв низ кој се дренира гноен исцедок.
Доколку дојде до привремено затворање на фистулата, тоа може да предизвика оток и болка кај детето.

Терапија

За целосно да се излекува фистулата, потребно е долготрајно лекување, а тоа значи почесто носење на детето на стоматолог. Третманот започнува со сложена процедура со отворање на каналите и отстранување на инфицираната пулпа, односно ендодонтски третман на млечниот заб. Каналите се полнат со антиинфламаторни и дезинфицирачки лекови. Фистулозниот канал се киретира, а потоа се става дрен за да може полесно да се издренира гнојната содржина. Се разбира, потребна е целосна хигиена на забите, отстранување на храната од запчето по секое јадење за да не дојде до дополнително инфицирање и внес на бактерии.
Но, доколку имаме голема фистула која постојано гнои, постојано се формира оток, млечниот заб е целосно кариозен, тогаш е најдобро млечниот заб да се отстрани, односно да се екстрахира. Со тоа ќе се спречат и оштетување на зачетокот на трајниот заб и оштетување на околното ткиво.
Користењето антибиотик не е решение за лекување на фистулата кај млечните запчиња. Доколку детето зема антибиотик, отокот може да се намали или привремено да исчезне. Но, доколку не се третира, не се лекува на стоматолог, фистулата повторно ќе се активира и ќе се појави оток на истото место, а тоа уште повеќе може да му наштети на околното ткиво, на растот на трајните заби, па дури и на целокупното здравје на детето.

Како да се спречи настанувањето на фистулата?

Најдобра превентивна мерка е редовен преглед на стоматолог. Доколку постојат кариозни запчиња, навремено да се лекуваат, да се отстрани кариозната лезија и да се пломбираат забите. Хигиената е најважен фактор за спречување на појава на фистула или на каков било процес на забите. Внесувањето калциум и витамини во исхраната на детето ќе го зајакне имунолошкиот систем и се спречува развој на штетни микроорганизми.



912

X