Директорката на едно од најстрогите британски училишта повикува на владина кампања со која ќе се засрамуваат родителите што им даваат мобилни телефони на нивните мали деца.

Кетрин Бирбалсинг, основач на училиштето „Михаела“ во Лондон, вели дека давањето мобилни телефони на децата од предучилишна возраст може да им го отежне читањето подоцна. Кетрин, чие училиште е познато по строгата политика на однесување, предупредува дека прекувременото време поминато пред екран може да има негативно влијание врз социјалните интеракции на децата и врз нивното ментално здравје.

Говорејќи на настан организиран од тинк-тенкот „Полиси ексчејнџ“, Бирбалсинг рече: „Владите треба да создадат масовна кампања на која ќе се потрошат милиони, каде што на секој билборд ќе пишува за ова. Преку кампањата секој родител што ќе стави телефон пред своето дете ќе почувствува срам“.

Таа вели дека британската влада треба да направи повеќе за да се справи со проблемите со социјалните медиуми, со оглед на тоа што некои од нејзините ученици се борат да ги положат финалните тестови поради зависноста од паметните телефони. Таа додава дека познава деца што се на нивните телефони до 2 или 3 часот по полноќ, а наутро спијат на часови.

– Родителите велат дека ги сакаат паметните телефони бидејќи се одлични дадилки. Му давате телефон на детето, па нема потреба да се грижите за него. Тоа значи дека тие не можат повеќе да играат друштвени игри, да разговараат едни со други, да создаваат пријателства или да поставуваат прашања. Секако дека ова влијае врз нивното ментално здравје. Ве уверувам, социјалните медиуми се нашиот број еден проблем и ако владата сака да им помогне на училиштата, тука треба да ги вложи парите – вели таа.



912

X