Во работата со клиентите често наидував на ситуации кога родителите не знаеја што е она на кое детето има право, а што е она што е привилегија. И тука настануваат проблемите кога сакаат своите деца да ги научат да почитуваат правила и да преземаат одговорност.

На моето прашање дали да се има телефон е право на секое дете или привилегија, повеќето родители без размислување велат: право.

Хм… да се поседува телефон е право? Дали без телефонот детето би било гладно, жедно, незаштитено? Дали телефонот е навистина неопходен за детето да преживее и да не биде занемарено? Другото прашање е што всушност значи привилегија? Тоа е нешто за кое некој дава одобрение. Возачката дозвола за нас е привилегија. Некој ни ја одобрил. Некоја власт што управува, пропишува правила и одговорности. Во случај на телефоните, таблетите и компјутерите, кој одобрува детето да ги поседува тие уреди? Секако, родителите, затоа што тие управуваат со семејниот буџет. Значи, телефонот, таблетот и компјутерот се привилегија!

Се согласувам со секој родител дека кога може и сака да му обезбеди на детето некоја од тие привилегии, тоа и треба да го направи. Тоа, всушност, е идеална можност детето да научи дека привилегиите се заслужуваат, а за да се задржат, треба да ги почитува правилата. Доколку добивте возачка дозвола, дали тоа значи дека смеете да поминувате на црвено светло? Секако дека не. Кога тоа би се случило, би ја изгубиле возачката дозвола, односно привилегијата. Затоа на моето дете му дозволувам да гледа цртани кога нешто ќе заврши (на пример, појадок) и постои правило што гласи: „Цртаните се гледаат со полн стомак“ и го местам часовникот да ѕвони по 10 минути. Кога часовникот ќе заѕвони, таа има обврска да го исклучи телевизорот. Доколку не го направи тоа, го правам јас, без ниту еден збор. Доколку се случи да се буни на таков начин што ќе го фрла далечинскиот управувач, што не го дозволувам како однесување со кое се изразува лутина, таа ја губи привилегијата два дена (како што би ја изгубиле возачката дозвола доколку направиме штета со невнимателно возење). Сега сигурно се прашувате: зар не е тоа казна, а јас се залагам за родителство без казни?

Па не. Казна би било ако покрај тоа што ќе го исклучам телевизорот, продолжам да викам, критикувам, држам лекции дека не е испочитуван договорот. Јас не го правам тоа. Само велам дека ми е многу жал што избрала да не гледа цртани наредните два дена. Навистина ми е криво и покажувам разбирање кога таа ќе почне да плаче. Дури ѝ нудам опција да ја прегрнам, доколку  сака, за подобро да се чувствува со тоа што ѝ помагам да го преброди ова разочарување.

Автор: Николина Милосављевиќ, психолог



912

X