Воспитувањето пречувствително дете не мора да биде тешко. Мајката Еби Шрејнер врз основа на личното искуство и совети од стручњаците, издвои неколку корисни совети за вас.

Сопругот и јас сме многу емотивни и чувствителни личности. Понекогаш и многу интензивни, да бидам искрена. Лично јас сум многу емпатична, а сопругот многу лесно ги изразува своите емоции. Не знам дали би добиле официјална дијагноза како многу емпатични луѓе, но секогаш сум се прашувала како тоа ќе се одрази врз нашите деца, дали и тие ќе добијат дијагноза како многу чувствителни деца или само како чувствителни деца. Сепак, поважното прашање е што би требало да прават родителите кога имаат такви деца за да бидат сигурни дека им даваат целосна поддршка.

Најпрво, да го дефинираме поимот многу интензивно дете. Според стручњаците, тоа се момчиња и девојчиња што подлабоко ги доживуваат своите емоции и брзо реагираат на самиот почеток. Не се чувствуваат многу пријатно. На пример, нема да сакаат чорапчиња кои премногу ги стегаат, ниту облека со натписи. Веројатно нема да сакаат силни звуци и метеж, како на големи роденденски прослави. Ние, како родители, треба да направиме нешто кога се во прашање дисциплината, активностите, социјализацијата, училиштето и емотивното разбирање, објаснува психологот Маурин Хили.

1. Решавање проблеми наместо дисциплина

Хили предлага да не го користиме зборот „дисциплина“, туку наместо на казна, повеќе да се фокусираме на решавање проблеми. Таа вели дека би било добро со своето дете партнерски да ги решаваме проблемите, како станување навреме или поставување прашања за користење на екраните.
На едно семејство му предложи семеен состанок, на кој родителите и децата би се договориле колку време треба да поминуваат на компјутер во текот на денот и кои би биле последиците од кршењето на правилата што важат за сите.

2. Поврзете се со нив за да ги разберете нивните интереси

Секое дете е поинакво, но повеќето пречувствителни деца сакаат уметност, природа и да им помагаат на другите луѓе. Обидете се да сфатите за што се заинтересирани.

3. Не форсирајте ги да учествуваат во групни игри со деца

Како интровертни и многу емпатични личности, некогаш најтешко им паѓа излегувањето од дома и дружењето со поголема група на луѓе. Важно е вистински да го сослушате детето и да ги земете предвид неговите чувства. Доколку на детето не му се игра со Ана, не закажувајте дружење, па дури и да се работи за детето од најблиското соседство.

4. Научете ги успешно да поминуваат низ училиштето

На прашањето како да обезбедите детето да се чувствува пријатно на школо, Хили одговори: „Животот не е секогаш пријатен. Секое дете, без оглед дали е чувствително или не, треба да научи да го прифати излегувањето од зоната на комфор и да најде начин успешно да поминува низ животот. Многу училишта, на пример, на детето му дозволуваат да користи слушалки ако е пречувствително, па навистина му пречи бучавата“.

5. Помогнете им на другите подобро да го разберат вашето дете, за да бидат свесни за неговите потреби
Хили предлага да споделувате написи, книги, информации кои ќе им помогнат на учителите и на членовите на семејството да го разберат ова и да ги сфатат мислите и чувствата на ваквите личности.



912

X