БПД предизвикува респираторни и кардиоваскуларни проблеми во првите две години од животот, потоа одложување на невролошкиот развој, како и заостанување во растот, вели д-р Јорданка Маџоска од клиничката болница „Жан Митрев“
Бронхопулмоналната дисплазија (БДП) е хронично белодробно заболување кое настанува поради нарушен пулмонален и васкуларен развој. Ги афектира предвремено родените бебиња со ниска родилна тежина, особено оние под 1.000 грама. Бронхопулмоналната дисплазија е воедно најчестата причина за респираторен морбидитет кај овие деца.
БПД предизвикува респираторни и кардиоваскуларни проблеми во првите две години од животот, потоа одложување на невролошкиот развој, како и заостанување во растот.
Децата со историја со БПД може континуирано да имаат белодробни нарушувања до адолесценцијата, па и потоа.
Зошто се појавува?
Во земјава 50 до 70 отсто од прематурните новородени со старост од 30. гестациска недела се со БПД, додека во САД оваа стапка се движи од 17 до 43%.
Денес, благодарение на лекот „сурфактант“, намалени се морталитетот и тежината на болеста, но преживеаните со БПД се со висок ризик за белодробна болест во првите две години од животот.
Фото: „Жан Митрев“
Причина за појава на БПД се интраутерина инфламација, механичката вентилација односно начинот на нејзина употреба, апликацијата на високи концентрации на кислород кај дете родено под 30. гестациска недела, потоа високи дози на вода во првите три до пет дена од раѓањето, натриум внесен преку основната инфузиона течност во првите три до пет дена, како и генска основа.
Долгорочни последици од БПД
Средната должина на хоспитален престој на родените под 1.000 грама е 60 дена, со висок процент на потребна рехоспитализација. Во текот на првата година од животот 49 отсто од новородените со БПД ќе бидат рехоспитализрани со висок процент на морталитет поврзан со белодробни компликации.
Инциденцата од ненадејна доенечка смртност е 7 пати поголема кај доенчиња со БПД отколку кај останатите. Ретроспективни студии идентификуваат стапка на преживување на тешка БПД од 71 отсто со потреба од долготрајна, домашна вентилација.
Критериуми за отпуштање од болница се зголемување на тежината на новороденото, кардиоваскуларна и респираторна стабилност, способност за координација на цицање, голтање и дишење, потврда за имунизацискиот статус како превенција од респираторни инфекции особено РСВ и едукација на членовите од семејството за препознавање респираторна декомпензација.
Автор: д-р Јорданка Маџоска
912