Предвреме родените бебиња се соочени со многубројни проблеми поврзани со нивната незрелост и малата родилна маса

Предвремено породување е секое породување каде што бременоста завршила со раѓање на незрело новороденче пред да биде комплетирана 37. недела од бременоста. Според гестациската возраст или староста на бебето, тие се поделени во три подгрупи, и тоа:
-умерено до доцно прематурни или незрели новороденчиња (од 33. до 36. гестациска недела)
-многу прематурни или незрели (од 28. до 32. гестациска недела)
-екстремно прематурни бебиња (родени под 28. гестациска недела).

Според родилната маса, новороденчињата може да бидат со тежина под 2,5 килограма и да се водат како бебиња со мала родилна маса, потоа новородени со многу мала родилна маса или помала од 1,5 килограм. Последната група се новороденчиња со екстремно мала родилна маса под 1 килограм.

– Прематурните бебиња, колку што се понезрели и се со помала родилна маса, имаат поголем ризик за неповолен исход. Тука подразбираме потешки компликации поради незрелоста, како и придружните болести во подоцнежниот период од развојот. За жал, можен е и неповолен исход и смрт кај дел од нив – вели д-р Ѓорѓи Филев, педијатар од клиничката болница „Жан Митрев“.

Д-р Ѓорѓи Филев

Зошто се битни контролите во бременоста?

Инциденцата на прематурно родените бебиња се движи околу 10 проценти, односно едно на 10 живородени новороденчиња. Овој процент, и покрај развојот на современата медицина, во последните години е во благ пораст.

Д-р Филев објаснува дека причини за предвременото породување се проблеми поврзани со матката, со грлото на матката, постелката и околуплодовата вода, генито-уринарните инфекции кај мајката, хронични болести кај мајката, како што се хипотиреоза, cистемски лупус. Причина може да се хронични белодробни, срцеви и бубрежни заболувања, заболување кое се појавуваа во текот на бременоста, како што се гестациски дијабетес, хипертензија и гестози.

– Тука се и забременување на премногу млада возраст под 18 години, како и во понапредна возраст над 35. година, потоа краток интервал помеѓу две бремености, претходно предвремено породување, повеќеплодна бременост и вештачки потпомогнатото оплодување. Причина за предвремено породување се и генетичките аномалии кај плодот и интраутерин застој во развојот. Сепак, она што е факт е дека голем процент од предвремените породувања се од непозната (идиопатска причина). Поради тоа, главната препорака е редовна антенатална грижа во текот на бременоста – вели д-р Филев.

Предвремено родените деца имаат потреба од специјална, интензивна нега и терапија. Поради тоа, родилките што имаат ризик-фактори за предвремено породување се испраќаат во установи каде што има одделение за интензивна нега и третман за предвремени и високоризични новороденчиња.

Проблеми кај предвреме родени бебиња

Најчести здравствени проблеми што ги имаат прематурни новороденчиња се: респираторен дистрес синдром (тешкотии со дишењето поради незрелоста на белите дробови), апнеа (поради незрелост на центарот за дишење), кранијално крвавење, некротизирачки ентероколитис, жолтица – поради незрелост на функцијата на црниот дроб и инфекции, сепса, пневмонија и менингитис. Тука е и ретинопатијата, што може да доведе до слепило, како и голем број други здравствени проблеми кои се поврзани со незрелоста на сите органи кај прематурното новороденче.

Третман на бебињата

– Предвреме родените бебиња се соочени со многубројни проблеми поврзани со нивната незрелост и малата родилна маса. Третманот на прематурните новороденчиња опфаќа превентивен третман во текот на бременоста и третман по породувањето.
Во делот на пренаталниот третман важно е давањето кортикостероидна терапија за зреење на белите дробови кај претечко породување, давање антибиотици при прскање на окулуплодовите обвивки за намалување на ризикот од инфекции кај новороденчето, давање магнезиум сулфат за превенција од доцни невролошки нарушувања во детската возраст – вели д-р Филев.

Третманот се одвива во одделенијата за интензивна нега и терапија, објаснува педијатарот. Важно е новороденото да се постави во соодветни термонеутрални услови – инкубатор, да се даде кислородна поддршка која може да вклучува и употреба на респираторна машина, да се постави на соодветна исхрана, т.н. тотална парентерална нутриција.

– Секако, најдобра храна за секое новороденче е мајчиното млеко, но поради незрелоста, тоа мора да е суплементирано со витамини и минерали. Постојат и посебни млечни формули специјално подготвени за прематурните новороденчиња – вели д-р Флилев.

Мерки за здрава бременост

За новороденчето, од особено значење е воспоставувањето на емотивниот контакт со мајката. Затоа е препорачано кенгурирањето, кое подразбира контакт на бебето со мајката по принципот кожа на кожа.

– Предвремено родените новороденчиња се соочуваат и со многубројни проблеми поврзани со нивната незрелост и малата родилна маса, кои се причина понатаму за отежнат психо-моторен развој и појава на тешкотии во учењето, намалена концентрација, па сè до можни моторни нарушувања како церебрална парализа. Овие деца страдаат и од почести или хронични респираторни заболувања, а можни се и проблеми со видот, слухот, говорот.
Прематуритетот и компликациите поврзани со незрелоста на новороденчето се главната причина за болестите и смртноста на доенчињата до петгодишна возраст. Затоа е препорачано секоја нова бременост да биде претходно планирана – вели докторот.

Здравиот животен стил и квалитетната здравствена грижа се предуслов за здрава и уредна бременост.

– Затоа редовната физичка активност, здравата исхрана, апстиненцијата од пушење цигари, неконсумирањето алкохол и наркотични дроги, како и заштитата од сексуално преносливи болести се важен фактор за секоја бремена жена. Редовните гинеколошко-акушерски прегледи за контрола на генито-уринарните инфекции, ултразвучните мерења за следење големината и возраста на плодот се предуслов за рано откривање и соодветен третман на секое заболување – советува д-р Филев.



912

X