Марија прави многу работи – пее, глуми, пишува поезија, а годинава, поради нејзините квалитети, со одлука на училишното раководство на „Димо Хаџи Димов“, осмо и деветто одделение ги учи во една година

„Верувајте во љубовта, трудете се да ги остварите своите соништа и правете добри дела во секоја пригода“, вели младата и талентирана ученичка Марија Јанчевска, девојчето кое се појави во последниот спот на Тоше Проески. Марија прави многу работи – пее, глуми, пишува поезија, а годинава, поради нејзините квалитети, со одлука на училишното раководство на „Димо Хаџи Димов“ во Влае, осмо и деветто одделение ги учи во една година.

– Периодот по зимскиот распуст го посветив на учење и зголемување на знаењето бидејќи се решив двете години – 8. и 9. одделение од школувањето да ги земам во една година, а тоа ми беше овозможено од наставничкиот совет од моето училиште, кој ми излезе во пресрет. Така од септември ќе бидам веќе средношколка – вели Марија.

Претстави, мјузикли, книги…

Покрај учењето, таа не ги запоставува проектите и вонучилишните активности. Актерка е во претставите што во моментов одат на репертоарите во МКЦ, „Експеримент“, како и во мјузиклот „Земја во која не се стигнува“, добитник на „Златна бубамара“.

– Во меѓувреме по мојата трета песна „Споменар“, испеана на „Златно славејче“, ја подготвувам четвртата песна за промоцијата во април што ќе се одржи во соседна Бугарија. Неодамна имав читање од мојата поезија за 76 години од холокаустот на Евреите во Музејот на холокаустот во Скопје. Ова е најава за мојата трета книга, каде што главен акцент ќе биде ставен на тажното минато и геноцидот врз Евреите и нивната историја, која ја спознав преку трите театарски претстави за Евреите во кои ја глумев Хана, која беше главен лик – ни раскажува Марија.

Ова амбициозно девојче најмногу од сè ја сака сцената, како и публиката и аплаузот.

– Бесценет е моментот кога публиката непосредно преку аплаузот или позитивната критика ви покажува дека целиот вложен труд се исплати. Нема зборови со кои може да се опише задоволството што го чувствувам во тие мигови. Како пример само ќе ви ја откријам мојата среќа и воодушевување кога дознав дека ќе бидам главниот лик во спотот на песната на нашиот Тоше – „Secret place“ и мислам дека и гледачите, гледајќи го финалниот производ, ја почувствуваа таа позитивна енергија и среќа што избиваше од нас во текот на снимањето кое, верувајте, беше многу напорно – вели Марија.

Денот ми почнува во 7 наутро, а ми завршува на полноќ

Работните денови на Марија се максимално исполнети со најразлични активности. Станува во 7 часот наутро, во меѓувреме оди на училиште, па продолжува на часови по англиски и по германски јазик.
– Следува проба или претстава, односно снимање нахсинхронизации, по што се враќам дома и веднаш почнувам со пишување на домашните задачи и ги учам новите лекции и на крајот, си легнувам – додава таа.

По „Сентиментални отпечатоци на времето“ и „Солза“, за третата книга поезија инспирација ѝ бил геноцидот врз Евреите.
– Низ моите спознанија за нив, преку моите зборови и стил ги преточив на хартија нивните страдања за да останат запишани и повеќе никогаш да не се повторат. Инаку, инспирација може да биде сè – и пожолтениот лист и пупката од која ќе расцвета најубавата ружа, и капката дожд и отсечокот од весник фрлен на улица. Сепак, најмногу ме инспирира секојдневието, особено луѓето кои не можат да го искажат своето мислење или негодување за општеството и случувањата, па во нивно име и со помош на нивната енергија, нивниот неискажан збор го преточувам во мојата поезија – вели Марија.

Ми недостига слободно време

Секојдневието на ова девојче не ѝ дозволува да има доволно слободно време и вели дека тоа е нешто што ѝ недостига.
– Но, деноноќието трае само 24 часа. Сепак, кога имам време, максимално го користам за дружба со другарите/ките, за прошетки во природа, како и моделинг и манекенство. Кога станува збор за храна, навистина сум многу љубопитна и сакам да пробам од сè. Но сепак би ја одвоила морската храна иако понекогаш знам да се почестам со „нездрав“ оброк. Сепак, главното мое мени се многу зеленчук и овошје – искрена е Марија.

Сонувам да заиграм на Бродвеј или во Холивуд

Покрај сите таленти и активности, сепак, себеси се гледа на Бродвеј или во Холивуд, нешто што ѝ е сон.

– Мојата желба и мојот сон се едноставни. Бидејќи сцената, камерата или штиците станаа мој заштитен знак, целта ми е еден ден да заиграм во Бродвеј или во Холивуд, а во меѓувреме да бидам хумана и да направам многу хумани и добри дела за моите пријатели, околината и за луѓето. Верувајте во љубовта, трудете се да си ги остварите своите соништа и правете добри дела во секоја пригода. Не заборавајте секој ден да читате – завршува Марија.

Опасен идентитет

Часовникот го бара
загубеното време на среќата,
мојот филм се снима
во продукција на радоста….
снимателите ги бараат
гримасите на мојата среќа,
режисерот бара нови сцени
со сосем исти зборови!
еден ден ќе избегам од ова туѓо сценарио,
дублерот нека го преземе
мојот опасен идентитет



912

X