Во регистарот има деца за посвојување на возраст од 4 месеци до 17 години
Сиромаштија, вонбрачно породување, заминување на партнерот, семејството не го прифаќа детето… Ова се најчестите причини поради кои биолошките родители денес ги даваат децата на посвојување. Лани во Македонија биле посвоени вкупно 20 деца, а во моментот 111 чекаат нов дом, информираат од службата за односи со јавноста при Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Во регистарот има деца за посвојување на возраст од 4 месеци до 17 години. Од нив 21 дете се со поволни развојни потенцијали, 29 деца со лесно отстапување во психомоторниот развој, 25 со средно отстапување, а 36 деца се со тешка психомоторна попреченост.
Од МТСП велат дека лани биле посвоени вкупно 20 деца. Едно од нив е посвоено од роднини-Македонци, а живеат во странство.
Во 2017 година биле посвоени вкупно 50 деца. Две од нив се посвоени од страна на странски посвоители што живеат во странство, а едно дете од странски посвоители што живеат во Македонија.
Во 2016 година биле посвоени 36 деца, од кои две од странски посвоители што живеат во странство, а две од странски посвоители што живеат во Македонија.
– Најчести причини поради кои родителите ги оставаат децата на посвојување се материјалните услови, напуштањето на родителот од страна на партнерот или неприфаќање на детето од страна на членовите на семејството во кое живее родителот. Посвоителите што се македонски државјани бараат да посвојат здраво дете, за разлика од посвоителите -странски државјани на кои не им пречи да посвојат дете со лесно отстапување во психомоторниот развој. За децата што се со средно отстапување во психомоторниот развој и тешка психомоторна попреченост има послаба заинтересираност од посвоители – велат од МТСП.
Во регистарот на можни посвоители се запишани и македонски посвоители што живеат во странство. Во меѓувреме, во согласност со Законот за семејството донесено е решение со кое се именувани нови 15 члена на Комисијата за засновање на посвојување. Составена е од профили, како и од стручниот тим во Центарот за социјална работа – социјален работник, правник, педагог и психолог. Лани не биле направени други дополнителни измени во легислативата во однос на посвојувањето деца, велат од Министерството.
– Со посвојувањето на секое дете му се овозможува љубов и нега, услови за подобар и постимулирачки раст и развој во средина која е најблиску до природната – велат од МТСП.
912