Разговараме со Александра Бундалевска, мајка на Бојан – „оладен“ јутјубер кој во еден период навистина бил загреан да има свој канал на „Јутјуб“. Таа се обидела да изнајде модул да биде строг родител, но и да му дозволи на своето дете да влезе во виртуелниот свет
Јутјубери. Професија со која сака да се занимава вашето дете кога ќе порасне. А тоа успешно го прави уште од најмала возраст. Трендот кој одамна премина во интернет-супкултура не ја заобиколува ниту Македонија. Некои се заразуваат, па им поминува, а некои продолжуваат посветено да се занимаваат со својата страст. Веројатно и има зошто. Јутјуберот PewDiePie од Шведска на почетокот на годинава на својот јутјуб-канал имал повеќе од 60 милиони следбеници (сапскрајбери) кои постојано го следат на интернет. Во меѓувреме, реномираниот магазин „Форбс“ ја состави листата со најбогати јутјубери во 2017 година. На тронот е Англичанецот Dan TDM, кој на својата сметка инкасирал 16,5 милиони американски долари.
Интересот за „Јутјуб“ почна на 9-10 години
Разговараме со Александра Бундалевска, мајка на Бојан – „оладен“ јутјубер кој во еден период навистина бил загреан да има свој канал на „Јутјуб“. Таа се обидела да изнајде модул да биде строг родител, но и да му дозволи на своето дете да влезе во виртуелниот свет.
– Интересот за „Јутјуб“ почна на 9-10 години и мислам дека сè уште трае, но се менуваат фазите. За разлика од другите деца што гледаа клипчиња, Бојан од почеток го интересираа јутјубери. Јас, да бидам искрена, иако доста време поминувам на компјутер, не бев запознаена со фактот дека постојат лица што ги снимаат своите секојдневни активности, ги објавуваат на „Јутјуб“ и имаат следбеници. Башка и пари прават од тоа – раскажува Бундалевска.
Така, еден период и Бојан посакал да се снима и тоа да го објавува на „Јутјуб“. Снимал како игра некоја игра и тоа го објавувал. Сега, по две-три години, тој ентузијазам му спласнал.
– Мислам дека сè уште следи јутјубери, но се откажа од идејата тој да биде јутјубер. Но, ги знае светски познатите јутјубери и одвреме-навреме знае да каже што гледал и што е тоа што го воодушевило или го разочарало. Ги знае и домашните, нашите, да не речам скопските. Па со другарите неколкупати беа да посетат некој скопски јутјубер. Дознале каде живее, па отидоа да се фотографираат со него – вели Александра.
Бојан имал свој профил на „Јутјуб“, но не бил сериозно ангажиран околу него. Се снимил неколку пати, објавил како игра некоја игра. Имал десетина следбеници. Родителите му дозволувале да биде по два часа на компјутер и тоа во петок, сабота и недела.
– Во тоа време интересно беше што зборуваше исклучиво на англиски јазик. И мислам дека сите негови врсници го правеа тоа. Играа игри, се снимаа и го објавуваа тоа на „Јутјуб“.Денес, на 12 години игра во мрежа со другарите, постојано комуницираат и гласно коментираат што прават. На лаптоп игра „Кантерстрајк“ – објаснува Бундалевска.
Со време, заразата за „Јутјуб“ спласнала
Тој барал согласност од родителите да отвори профил на „Јутјуб“ и бил постојано под надзор. Пред да објави нешто, прво морал да им покаже на родителите што снимил.
– Признавам, мене тоа не ми е интересно. Играње игра и снимање како се игра играта за мене е будалштина, но му дозволив бидејќи требаше сам да увиди дали тоа ќе го понесе или ќе му спласне ентузијазмот – вели Александра.
Со време, заразата за „Јутјуб“ спласнала. Денес повеќе го интересира онлајн-играње. Бундалеска мисли дека предизвик му е да си ги мери силите со некој непознат, но и да се натпреварува со своите другари.
– Не сум среќна со изборот на играта, но потајно се надевам дека и оваа фаза ќе помине – вели таа.
Оваа активност не се одразила врз училишниот успех на Бојан бидејќи не му е дозволено да игра на компјутер во работните денови, во текот на училишната година. Ако добие пониска оценка или направи некоја беља, компјутерот е забранет и во викенд.
Јутјубери од светот направија вистински богатства од својата активност, а најголем дел од нивната публика се токму децата. На прашањето дали би го поддржала своето дете доколку реши ова да му биде посериозно хоби во животот, Александра одговара:
– Би го поддржала во секое хоби што ќе го заинтересира, макар било и ова. За хоби треба да имаш пасија. Кога би ја препознала таа пасија кај него, би го поддржала. Засега не гледам, односно не препознавам таква пасија и посветеност кај него. Кога би имал професија и кога тоа би му било само хоби во кое вистински ќе ужива, би му дала поддршка.
912