Игротека

Интересни обичаи за новороденчињата низ светот: Како различни култури го пречекуваат новиот живот?

Додека на Балканот е длабоко вкоренет обичајот на детето да му се подарува злато со надеж дека тоа ќе му обезбеди сигурна и богата иднина, секоја култура во светот има свои уникатни, интересни, па дури и необични традиции за добредојде на новороденчето.

Шкотска: паричка за среќа и бериќет

Новороденчето добива паричка од бабата, стар шкотски обичај чија цел е да му донесе среќа и материјален бериќет на детето во животот. Покрај бабата, парички оставаат и другите членови на семејството и пријателите, ставајќи ги во дланката на бебето или во неговата количка.

Шведска: првиот рез го прави таткото

Во Шведска постои традиција таткото лично да ја пресече папочната врвца на своето новороденче, по што веднаш го става бебето на градите на мајката за да се создаде првична блискост.

Јапонија: церемонијата „Окуизоме“

Оваа семејна традиција се одржува во домот кога бебето ќе наполни 100 дена. Главната цел е да се симболизира дека детето никогаш нема да остане без храна во текот на својот живот. Семејството подготвува традиционални јадења со симболично значење и симболично го „храни“ бебето.

Мадагаскар: заштитни маски од сандалово дрво

Веднаш по раѓањето, мајката на Мадагаскар носи специјална маска за лице што ја штити неа, а и бебето од зли духови. Маската се прави од мелени гранчиња сандалово дрво и вода, создавајќи густа смеса која член на семејството (како бабата или сестрата) ѝ ја нанесува на лицето додека таа го држи бебето.

Индија: традиционалната паста „кајал“

На очните капаци на бебето се нанесува специјална густа црна паста наречена кола или кајал, која може да се стави и како мала точка на челото или како црта покрај очите. Освен што се верува дека штити од зли духови, овој обичај традиционално се користи и како заштита од инфекции и силна сончева светлина.

Замбија: бања од корења

Мајката го капе новороденчето во течност направена од варени корења на дрвја, за која се верува дека го зајакнува здравјето и го штити бебето од зли духови. Овој ритуал се практикува додека бебето не наполни три месеци.

Уганда: благослови со кора од дрво

Целото семејство го благословува новороденчето со кори од посебен вид дрво кои претходно стоеле во вода три часа. Од корите се вадат „жици“ кои се ставаат околу зглобовите, глуждовите, вратот и половината на бебето. Водата потоа се истура во оградениот простор за животните, што според верувањето носи благослов за богатство и добиток во иднина.

Малави: специјална каша за закрепнување

За новата мајка се подготвува хранлива каша од соја, пченкарно брашно и шеќер, која треба да ѝ ја врати енергијата по породувањето. Оваа каша мајката ја јаде секое утро во период од една недела по доаѓањето дома.

Извор

Поврзани написи

To top