Совети

Спонтан абортус – како да се справите со емоционалната болка и тага

Спонтаниот абортус е исклучително болно искуство за секоја жена, без оглед на тоа дали веќе има деца или ова ѝ била прва бременост. Оваа загуба, за жал, се случува релативно често, а доколку и вие самите минувате низ тоа, сосема е природно што чувствувате длабока тага. Нормално е да се чувствувате така, никој не влегува во бременоста размислувајќи за загуба.

Некои жени емоционално закрепнуваат побрзо, додека други може да се соочат со тешки емоционални кризи. За враќање на емоциите во рамнотежа, речиси секогаш е потребно многу повеќе време отколку што е потребно за физичко заздравување на телото. Затоа, дозволете си да тагувате, тоа е единствениот начин за постепено да го прифатите она што се случило. Доколку забележите дека состојбата на тага трае подолго од шест месеци, многу е важно да побарате стручна психолошка помош.

Што сè можете да чувствувате по спонтаниот абортус?

По загубата, вообичаена е цела лавина од емоции: од апатичност, недоверба и бес до вина, длабока тага и тешкотии со концентрацијата. Дури и кога бременоста е прекината во многу рана фаза, емоционалната врска меѓу мајката и нејзиното бебе е присутна уште од самиот почеток.

Кај некои жени емоционалниот стрес се манифестира и преку физички симптоми, како што се:

  • Нагласен замор и исцрпеност;
  • Несоница и нарушен сон;
  • Губење на апетитот;
  • Чести и ненадејни епизоди на плачење;
  • Тешкотии со фокусот и концентрацијата.

Сите овие симптоми дополнително може да бидат засилени поради хормонските промени што се случуваат во телото по прекинот на бременоста.

Трите фази на процесот на тагување

Процесот на надминување на оваа загуба и тагување вообичаено минува низ три клучни чекори:

  1. Прв чекор: Одбивање и негирање „Зошто ова ми се случи мене? Ги земав сите витамини и точно ги следев сите упатства од мојот гинеколог…“
  2. Втор чекор: Бес, вина и депресија „Зошто баш јас? Толку многу сакав бебе и овa воопшто не е праведно. Чувствувам поголема тага од кога било.“
  3. Трет чекор: Прифаќање „Морам да научам да живеам со ова. Не сум единствена што го доживеала ова искуство и други жени поминале низ ова и треба да побарам поддршка.“

За секој од овие чекори е потребно време. Во текот на процесот може да се појават неочекувани или очекувани активатори (тригери) кои накратко ве враќаат чекор назад: раѓање бебе во блиското опкружување, нова бременост, непромислени коментари од познајници, како и празници и семејни собири.

Како да ја пребродите оваа загуба?

  • Почитувајте ги сопствените потреби: Јасно ставете им до знаење на луѓето околу вас дека не сакате да ве потсетуваат на случајот додека раните сè уште зараснуваат.
  • Барајте поддршка: Кажете им на блиските и на семејството: „Сакам да разберете низ што минувам“. Барајте топлина, прегратка и емпатија.
  • Побарајте поддршка од партнерот: Не мора и не треба да минувате низ ова сосема сами.
  • Дајте си време: Времето е потребно за да ја одболувате загубата, не брзајте поради притисок од околината.

Како тагуваат жените, а како мажите?

Жените најчесто отворено ја покажуваат својата тага и бараат поддршка од другите. Од друга страна, мажите честопати ја насочуваат својата енергија кон работата или хобито, остануваат подолго на нивните работни места за да не размислуваат за тоа што се случило или целосно го избегнуваат разговорот на таа тема.

Врската меѓу бремената жена и бебето е единствена од моментот кога тестот ќе покаже позитивен резултат. Татковците обично почнуваат да градат емоционална врска подоцна, кога ќе ги видат физичките знаци (слика од ултразвук) или кога ќе го почувствуваат ударот на бебето во стомакот. Затоа, мажите понекогаш изгледаат како да се помалку погодени од спонтаниот абортус, што може да доведе до неизбежни несогласувања во врската.

Како да го зачувате односот со партнерот?

  • Почитувајте ги меѓусебните чувства: Секој тагува на различен начин и тоа е во ред.
  • Споделувајте ги мислите: Одржувајте колку што е можно поотворена комуникација.
  • Прифатете ги разликите: Разговарајте за начинот на кој секој од вас се бори со болката.

Вашите права по спонтаниот абортус

Запомнете дека по ова искуство имате целосно право:

  • Самостојно да одлучите што ќе направите со облеката за бременост или работите за бебето. Не дозволувајте други да донесуваат одлуки наместо вас.
  • Избегнувате ситуации за кои однапред знаете дека емоционално ќе ве потресат.

Извор

Поврзани написи

To top