Совети

Херпес кај децата – како да го заштитите новороденчето?

И децата можат да добијат херпес (HSV-1). Кај малите деца, првата инфекција со овој вирус не изгледа секогаш како класичен херпес на усната. Таа може да предизвика повеќе болни ранички (афти) во устата, црвени и отечени непца, покачена температура и тешкотии при јадење и пиење, состојба позната како херпетичен гингивостоматитис.

Со враќањето на децата во градинка и училиште, многу е важно да знаеме како правилно да го заштитите новороденчето доколку имате постаро дете во домот.

Зошто херпесот е опасен за новороденчињата?

За повеќето здрави постари деца и возрасни, вирусот HSV-1 предизвикува релативно блага и минлива инфекција. Кај новороденчето ситуацијата може да биде сосема различна.

Неонаталниот херпес е ретка, но потенцијално многу сериозна состојба. Тој може да ги зафати кожата, очите и устата, мозокот и централниот нервен систем или да се прошири на повеќе органи во телото.

Се проценува дека околу 10 % од неонаталните HSV инфекции се добиваат по раѓањето, а еден од најчестите патишта на пренос е бакнување од страна на лице со активен херпес. Според здравствените препораки, бебињата се најранливи во првите 6 недели од животот.

4 основни правила за заштита на бебето

Доколку братчето, сестрата, родителот, бабата, дедото или некој посетител има херпес:

  1. Без бакнување на бебето сè додека херпесот целосно не заздрави.
  2. Внимателно мијте ги рацете со сапун пред секој допир со бебето.
  3. Избегнувајте да го допирате херпесот, а потоа бебето.
  4. Покријте го херпесот (со соодветна лепенка) каде што е можно.

Не секоја раничка во устата е херпес

Не претпоставувајте дека секоја афта или раничка во устата на детето е херпес, постојат многу други причини. Сепак, доколку во домот имате новороденче, избегнувајте бакнување на бебето и побарајте медицински совет доколку сте загрижени.

Запомнете: Неонаталниот херпес не мора секогаш да предизвика очигледни плускавци на кожата.

КОГА ДА ПОБАРАТЕ ИТНА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ?

Доколку мало бебе што било изложено на можност од HSV инфекција ги има следните симптоми:

  • Слабо и лошо хранење
  • Невообичаена поспаност или раздразливост
  • Покачена температура
  • Отежнато дишење
  • Грчеви (напади)
  • Ранички на кожата, очите или устата

Веднаш побарајте итна медицинска помош и задолжително напоменете му на лекарот за можната изложеност на херпес.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top