Попразните плажи, пониските цени и пријатното сонце во септември се огромно искушение за секој родител. Прашањето „Дали е толку страшно ако пропушти само 3-4 дена од училиште?“ изгледа во ред кога си го поставуваме за сопственото дете. Сепак, вистинскиот предизвик настанува кога на истата идеја ќе дојдат повеќето родители, па децата во ист период масовно отсуствуваат од училницата.
Што пропушта детето кога ја прескокнува наставата во септември?
Септември не е само формален почеток, туку клучен период за поставување на темелите за целата година. Кога детето е на одмор додека другите се во училница, тоа директно губи неколку важни работи:
- Воведните лекции и основните концепти: Во септември се предаваат клучните воведни материјали. Кога детето ги пропушта овие први чекори, подоцна многу потешко ги поврзува следните лекции бидејќи му недостига основата.
- Социјалната адаптација и другарството: Првите недели се резервирани за повторно поврзување на децата, делење впечатоци и создавање кохезија во одделението. Кога детето ќе се врати подоцна, сите групи и динамики во училницата се веќе поставени, па тоа може да се чувствува изоставено.
- Ритамот и градењето работни навики: По долгиот летен распуст, на сите деца им е потребен период да влезат во училиштен ритам. Кога тој процес ќе се прекине уште на самиот почеток со уште еден краток одмор, враќањето кон обврските, раното станување и домашните задачи стануваат двојно потешки и постресни за детето.
- Важни известувања и правила: На самиот почеток се поставуваат правилата на однесување, распоредот на активности, насоките и сите организациски детали за кои детето подоцна мора да се информира за да биде во тек.
Пораката што им ја испраќаме на децата
Од една страна, заштедата за семеен одмор во септември е реална и разбирлива за секој домашен буџет.
Но, од друга страна, доколку сите го практикуваме ова како вообичаена навика, несвесно им испраќаме порака на децата дека училиштето и обврските се опционални и можат да се стават во втор план секогаш кога ни одговара нас.
Како да му помогнете на детето ако сепак патувате во септември?
Доколку септемвриското патување е единствената опција за вашето семејство, еве како да го намалите заостанувањето во материјалот:
- Информирајте се: Договорете се со родител на некое другарче од класот или вашето дете нека се договори со другарче да му испрати слики од белешките и домашните задачи.
- Отворено разговарајте за одговорноста: Објаснете му на детето дека патувањето е привилегија, но дека обврската да го надомести пропуштеното по враќањето останува негова одговорност.