Сонот е исто толку важен за правилниот раст и развој на бебето колку и исхраната. Сепак, покрај вообичаените маки (грчеви, запчиња, гасови), условите во просторијата имаат огромно влијание врз квалитетот на сонот. Исто како што на возрасните им е тешко да заспијат на високи температури, така и бебињата се исклучително чувствителни на летните горештини.
Еве 5 практични совети за обезбедување мирен и квалитетен сон за вашето бебе во текот на летото:
1. Одржувајте оптимална температура во собата
Еден од најважните услови за добар сон е температурата во детската соба. Експертите препорачуваат таа да биде околу 20 °C, што значи дека во текот на летото ќе треба редовно да ја разладувате просторијата.
2. Изберете лесна и природна облека
За вечерниот сон, препорачлива е тенка облека од природни материјали (памук) кои се пријатни на допир. Ваквите материјали ѝ овозможуваат на кожата да дише и го намалуваат потењето.
3. Покривање без непотребни додатоци
Доколку температурата во собата е соодветна, бебето може да го покриете со лесна памучна покривка или фротир. Капите и чорапите не се потребни во текот на летото, без разлика колку е мало бебето.
4. Проветрувајте во вистинско време
Свежиот воздух е клучен за пријатна атмосфера. Прозорците отворајте ги доцна навечер или рано наутро кога надворешната температура ќе падне. Задолжително користете мрежи за прозорци за да не влезат комарци и други инсекти.
5. Бањање пред спиење и доволно течности
Планирајте го бањањето непосредно пред легнување, тоа ќе го освежи бебето и ќе му помогне полесно да заспие. Исто така, внимавајте на внесот на течности во текот на денот, бидејќи добрата хидратацијата игра голема улога во квалитетот на сонот.